Жугиќ му „подари“ лампиони на Шилегов за да се откаже од новогодишното украсување

0
37

Јелена Жугиќ, која е советник во Советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, порача дека градоначалникот Петре Шилегов треба да се откаже од новогодишното украсување на главниот град и парите да се пренаменат за борбата против коронавирусот.

ВМРО-ДПМНЕ, по тој повод, симболично постави лампиони на кои стои вредноста од 200 илјади евра или, како што рече Жугиќ, 15 нови болнички возила колку што може да се купат со парите кои што Петре Шилегов планира сред пандемија да потроши за украсување на празните скопски улици.

„Ако му е до лампиони, еве му лампиони, и тоа необични и приближно верни на оригиналот на кој ја пишува и неговата омилена цифра 200 илјади евра, само и само да се откаже од лудото, неразумно трошење на народните пари“, рече Жугиќ.

Таа вели дека можеби го немаме најработливиот градоначалник, но со сигурност ги имаме најскапите лампиони. Затоа уште еднаш повика, средствата за новогодишно украсување да се пренаменат на заштита на животите и здравјето на скопјани.

„Во време кога граѓани заболуваат и за жал умираат од вирусот, многу поважно од новогодишни сијалички и лампиони е парите да се насочат кон купување на здравствени материјали и опрема, финансиска помош за јакнење на капацитетите на здравствените установи. Многу, ама многу поважно е да се заштитат во услови на пандемија ранливите категории на граѓани, луѓето со посебни потреби, насушна е потребата за купување на амбулантни возила или модуларни сместувачки капацитети за заболените од вирусот“, додаде Жугиќ.