Зошто е тешко да се послушаат граѓаните за да нема бетонска населба кај „Треска“?

0
82

Зошто советниците на општина Центар повторно ја одложија од дневен ред точката просторот кај фабриката „Треска“ да се уредува преку архитектонско-урбанистички конкурс? Кому не му одговара ваквата иницијатива, на советниците од власта, од опозицијата, или на двете страни? Дали кога треба да се решаваат вакви концепти против загрозување на животната средина има слога, меѓу инаку, спротивставените табори?

Многу прашања, без одговори. Скопјани се борат преку електронски анкети, преку невладините организации, но клучното прашање тогаш е која е улогата на советниците кои ги бираме на локалните избори? Зарем тие не се гласот на граѓаните?

Претседателката на советот на општина Центар ,Јана Белчева, вели оти немала да отстапи од иницијативата и точката повторно ќе се нашла на дневен ред.

-Нови невладини организации се приклучуваат на иницијативата што само покажува дека граѓаните сакаат тој простор да се решава на поинаков начин. Во моментов ни треба нова синергија на потребите на граѓаните и стручната јавност која сака да помогне и да ги исправи грешките од минатото, затоа што последиците ги живееме сите, вели Белчева.