Ципрас во Париз лобира за Северна Македонија: Време е да се отвори европскиот пат за Скопје и Тирана

0
128

Кога беше постигнат Договорот од Преспа во 2018, за Северна Македонија „се отклучи“ перспективата за проширување, паралелно давајќи ѝ импулс и на албанската европска перспектива, а придонесе и за нов моментум во развојот на дијалогот меѓу Белград и Приштина. Ако повторно ја изгубиме оваа динамика, ќе биде многу тешко одново да ја вратиме, рече лидерот на СИРИЗА и поранешен премиер на Грција, Алексис Ципрас во неговиот говор за проширувањето на ЕУ, на настан во францускиот Сенат, јави дописничката на МИА од Атина.

Ципрас, паралелно, од Париз побара да се отвори европскиот пат за Скопје и Тирана. Рече дека Унијата „не може да биде силен геополитички фактор на меѓународно ниво, доколку не е кредибилен фактор во нејзиното соседство“.

– Како можеме да поддржиме политичка стабилност и економски развој во Ирак или Авганистан или во Мали, па дури и во Украина, ако не можеме да ги исполниме нашите обврски за поддршка на европските земји кандидати за членство? Како може ЕУ на кредибилен начин да ги поддржи изгледите за решавање на меѓународните спорови, кога не може да поддржи една европска земја како Република Северна Македонија, која придонесе во решавањето на долгогодишно европско прашање?, се запраша Ципрас и додаде дека наспроти тоа, доколку на меѓународната заедница ѝ се покаже дека „европската интеграција на Западен Балкан, исто така, значи обезбедување мир, стабилност и просперитет за регионот“, тоа ќе даде јасна глобална порака за успехот на ЕУ, 20 години по војната во Југославија.

Ципрас истакна дека во 2018, со потпишувањето на Договорот од Преспа, даде нов импулс во европската перспектива на Западен Балкан, по четири години стагнација.

-Зоран Заев, како премиер беше доста храбар да најде компромис со мене за името, а истото го стори истото и со Бугарија, иако ја знаеше тешката политичка цена. Причината, зошто ние и нашите министри за надворешни работи, Никос Коѕијас и Никола Димитров, успеавме да стигнеме до овој договор беше затоа што го базиравме со взаемно почитување и заемно прифатливи решенија. Ние, не ги префрливме проблемите за далечната иднина, не ја фрливме топка на следниот. Не се обидовме меѓусебно да се измамиме или да играме политички трикови. Не игравме на лесната карта – националистичкиот популизам што другите политички сили го користеа и го користат во нашите земји. Ние, го почитувавме меѓународното право, рече Ципрас.

Лидерот на СИРИЗА истакна дека „ако се награди Зоран Заев и народот на Република Македонија, ќе биде порака за сите други лидери од Западен Балкан и поширокиот регион“, објаснувајќи дека тоа ќе биде порака до Албанија да направи уште повеќе чекори во владеењето на правото и за правата на грчкото малцинство, дека ќе биде порака до лидерите на Белград и Приштина да го решат косовското прашање, но и порака до босанското раководство за стабилност.

– Од друга страна, ако процесот на пристапување остане замрзнат, пораката ќе биде јасна: Европа не ги наградува лидерите кои што се реформисти или кои постигнуваат компромиси, истакна Ципрас, пренесе МИА.

Поранешниот грчки премиер коментираше дека откажувањето па дури и одложувањето на проширувањето ќе има сериозни последици за стабилноста во регионот, како пример споменувајќи ја 2014 година кога Јункер најави замрзнување на процесот на проширување, а „регионот влезе во состојба на продолжена нестабилност“.

– Една по друга следеа кризите. Во Албанија, Северна Македонија, Босна, Црна Гора. Се зајакнаа мрежите на организиран криминал и шверц. Влијанието на трети страни, како Русија, Турција и земјите од Заливот, честопати се зголемуваше на штета на влијанието на ЕУ. Стапката на миграција од Западен Балкан кон други европски земји се зголеми. Минатата година, на секои две минути граѓанин од Западен Балкан легално емигрираше во ЕУ, објасни поранешниот грчки премиер.

Рече дека е позитивно тоа што се дискутира за нова методологија за усогласување и подобрување на процесот на интеграција, но додаде дека сепак, мора да биде јасно дека „не постојат механизми што можат да ја заменат перспективата за интеграција на народите од Западен Балкан, а европската соседска политика е моќна алатка за реформи и финансиска поддршка“.

На крајот од обраќањето во францускиот Сенат, Ципрас уште еднаш повтори дека „ако го задржиме замрзнат процесот на проширување, го замрзнуваме капацитетот на самата Европа како стратегија, моќ на трансформација, од глобален и регионален опсег“.

– Северна Македонија и Грција, заедно, уште еднаш, му покажаа на светот дека овде во Европа имаме способност да направиме втор избор. И ова е единствениот можен пат до една нова визија за посилна Европа. А во градењето на оваа визија, јас силно верувам, рече Алексис Ципрас, завршувајќи го неговиот говор пред сенаторите.