Дортмунд подобар од ПСЖ, Атлетико го изненади Ливерпул

0
92

Ерлинг Халанд беше во главна улога на вечерашните први осминафинални натпревари од Лигата на шампионите, откако норвешкиот ас со два гола му донесе триумф на тимот на Борусија Дортмунд од 2-1 над ПСЖ. Првото полувреме донесе здодевен фудбал, но затоа вториот дел беше исполнет со возбудувања.

Најинтересно беше во периодот од 69. до 77. минута, кога беа постигнати трите погодоци, првиот со кој Халанд донесе водство од 1-0, набрзо Нејмар израмни на асистенција на Мбапе, пред Халанд со еврогол од дваесетина метри да предизвика ерупција од воодушевување меѓу домашните фанови во Дортмунд.

Ливерпул ќе мора да ја надополни негативата од еден гол од денешниот меч со Атлетико Мадрид (1-0) доколку „црвените“ сакаат да ја продолжат одбраната на европскиот трон. Саул Нигез постигна гол во 4. минута од натпреварот, по што одличниот дефанзивен тим на Атлетико ги запре налетите на актуелниот европски шампион. Атлетико дури и ги имаше најубавите шанси за втор гол, а најдобрата ситуација за Ливерпул ја пропушти Салах, шутирајќи со глава крај дирекот.