Пак истото: Чулев дава наредба, Владата утредента му ја поништува

0
115
Foto

Владата пак се разработила. Има нови поништувања на решенија на министерот Наќе Чулев од МВР. Се поништиле разни распоредувања и наредби за извршување работи во МВР донесени од министерот.

Владиниот Сектор за односи со јавноста соопшти дека се поништени решенијата од 14.02.2020 година со кое Ивана Китановска се распоредува на работно место соработник систем специјалист во Одделение за заеднички работи во РЦ за ГР Исток во Бирото за јавна безбедност, од 14.02.2020 година со кое Виолета Веселиновска се распоредува на работно место виш инспектор за гранични проверки во РЦ за ГР Исток во БЈБ и решението од 06.02.2020 година со кое Александар Матовски се распоредува на работно место полицаец во ПС од ОН Тетово, СВР Тетово во БЈБ.

Поништена е и наредбата од 17.02.2020 година со која Вице Столески се задолжува да извршува работи и задачи од работното место началник на Одделение за информациска безбедност, Сектор за безбедност на информации, Оддел за односи со јавност и стратешки прашања, во Организациони единици за потребите на Министерството, како и наредбата од 17.02.2020 година со која Зоран Јанаќијев се задолжува да извршува работи и задачи од работно место Командант на Единица за брзо распоредување во Одделот за специјални полициски операции во БЈБ.

Ова е трето поништување на одлуките кои ги донел министерот Чулев од страна на Владата. Неодамна, на ноќната седница меѓу 15 и 16 февруари Владата донесе одлука и за поништување на пет решенија за распоредување на работно место донесени од Чулев. Најголемото поништување на одлуките на техничкиот министер од страна на Владата беше извршено на седницата одржана на 9 февруари кога се поништени 89 решенија за распоредување на работно место што Чулев ги донел на 6 и 7 февруари оваа година.

После ова се наметнува прашањето, дали Владата воопшто разговара со министерот Чулев, освен преку соопштенија.