Тешки „пржински“ маки: Кој да му нареди на полицаецот да го фати крадецот?

0
82

Владата не е функционална. Министрите издаваат наредби, ама не е сигурно дека некој нема да им ги отповика. И така стана хаосот. Чии решенија се вистински? Оние што ги донеле министрите Наќе Чулев и веќе разрешената Рашела Мизрахи, поставени по предлог на најголемата опозициска партија или поништувањата што ги направила Владата? А се работи за сериозни ресори: МВР и Труд и социјала.

Истовремено да се применуваат одлуки од едната и од другата страна-предизвикува поделбите меѓу вработените, предизвикува блокади, односно целосен хаос.

А вака е речиси 40-тина дена, кога новите функционери од редовите на опозицијата почнаа да излегуваат со тврдењата дека не им се даваат документи, извештаи, дека треба да запрат бројните вработувања во државните служби во пресрет на изборите… за да сега кулминираат со донесувањето и укинувањето на решенијата важни за функционирањето на министерствата и за потребите на граѓаните.

Скопјани се се повеќе скептици дека скроениот владин кабинет може вака да работи во интерес на граѓаните.

– Ако некој е поставен да биде министер треба да му се остави да раководи со секторот. Што се сега овие подметнувања? Испадна дека во Владата има две влади, ама едната е помала и цело време е блокирана. Како да очекувам дека вака ќе подготват мирни и фер избори? Полицаецот нема да знае кого да послуша, министерот или Владата, вели Зоран И. од Кисела Вода.

За други скопјани ова е само уште еден удар врз државноста.

-Не само што не функционира ваквата Влада, туку не функционира ништо во оваа нова креација на држава. Ова е еден обичен протекторат, а самата „пржинска влада“ е противуставна и затоа граѓаните ни бегаат од државата, ни вели граѓанинот Драган Стојковски.

Слично мисли и граѓанинот Ласте Димитриевски.

-Ова влада не функционира и тоа се гледа. Но, според мене, ниту една влада до сега не функционирала во интерес на народот, па не може ниту „пржинска“, потенцира Димитриевски.

Граѓаните се посебно загрижени и заради тоа што одлуките за поништување на решенијата на новиот министер Чулев се донесени со надгласување на владини седници. Излегува дека мнозинство на министри од сегашната владина коалиција можат да поништат секоја одлука на министрите од опозицијата. Тоа го отвора прашањето дали тие можат самостојно да го водат ресорот кој им е доверен?

-Јас сум загрижен за безбедноста. Не ми е јасно како сега функционира полицијата. Ако министерот поставува еден раководител, а Владата друг, тогаш кој ќе раководи со истрагите и бројните случаи кои ги има МВР со цел да ја штити безбедноста на граѓаните, ни вели скопјанката Марија Илиевска.

Посебно прашање е како оваа „пржинска влада“, во која секојдневно се случуваат конфликти, ќе успее да организира регуларни предвремени парламентарни избори најавени за 12 април. Бара решение за сето ова техничкиот премиер Оливер Спасовски?

Разговараат ли министрите меѓу себе?

-Мизерно. На целиот свет му покажуваат дека Македонија е нефункционална држава. Се наметнува и прашањето дали министрите воопшто комуницираат меѓу себе, а тоа е толку многу неопходно за да функционира системот, ни коментираше скопјанец кон не сакаже имато да му излегува во медиумите, вели- веднаш ќе почнат заканите.