Чулев: Македонија е крајната дестинација на голема пратка кокаин

0
85

Запленетиот килограм колумбиски кокаин е само дел од пратката чија крајна дестинација e магацинот во селотo Крушопек. Четворица се приведени. МВР не открива детали околу меѓународната полициска акција. Засега без потврда дека станува збор за пратка од 1,3 тони кокаин

СКОПЈЕ – Колку кокаин требало да заврши во Македонија и каде е запленета дрогата останува непознато и по прес конференцијата на министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, кој во интерес на истрагата не соопшти нови детали по вчерашната акција во која беше запленет еден килограм чист кокаин од Колумбија во магацин во скопското село Крушопек.

„Се работи за многу, многу поголема колилчина од едниот килограм фатен во Крушопек“, кажа Чулев и додаде дека во интерес на истрагата засега нема да открива други детали.

Она што е познато е дека станува збор за меѓународна полициска акција во која учествувале полициски служби од неколку држави низ кои транзитарала пратката кокаин а МВР и Обвинителството се вклучиле во понеделникот.

Македонската полиција го следела движењето на камион на скопската фирма „Бантекс“ полн со банани во кој бил сокриен еден килограм кокаин преку поставен „џи-пи-ес“ уред. Камионот, зад чиј волан е црногорски државјанин, кој минал низ Црна Гора и Албанија, влегол во Македонија вчера околу 9 часот преку граничниот премин „Ќафасан“ и продолжил кон селото Крушопек каде се наоѓа магацинот на „Бантекс“.

Во моментот кога полицајците уапднале внатре синот на сопственикот на „Бантекс“ и уште еден вработен веќе ги растоварале пакетиоте полни со банани.

Дрогата е најдена а тие се приведени заедно со возачот и со сопственикот на фирмата кој самиот се појавил пред полицајците.Тие сеуште се на распит во полицијата и допрва против нив ќе биде поднесена кривична пријава и ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка во скопскиот Кривичен суд.

Во претресот се запленети мобилни телефони, неколку илјади евра и долари, 180 илјади денари како и камионот во која имало вкушно 1.098 пакети со банани.

„Оваа фирма досега во 120 наврати увезувала овошје од Колумбија и Еквадор“, кажа министерот Чулев.

Во моментов е отворена и финансиска истрага во коај се испитува работењето на фирмата, сопственикот и се бара евентуална поврзаност со други лица и комапнии.

„Доколку во текот на истрагата во координација со Обвинителството се утврди дека и други лица и компании биле инволвирани во оваа нелегална активност, ќе бидат преземени соодветни мерки и активности. Ќе биде спроведена и финансиска истрага и на фирми и на физички лица за други кривични дела“ , рече Чулев и додаде дека голем проблем е што парите кои потекнуваат од продажбата на дрога многу често се перат преку легални бизниси во Македонија.

Италијанските медиуми објавија дека деновиве е уапсен албански државјанин под сомение за организирање и транспорт на 1,2 тони кокаин чија дестинација бил градот Копер во Словенија но потоа, од непознати причини, била сменета и требало да заврши во Македонија. Од МВР ниту ги демантираа ниту ги потврдија овие наводи и најавија дека дополнителни информации за случајот ќе соопштат наредните неколку дена по консултација и координација со странските полициски служби кои учествуваат во акцијата.