И розовите наочари веќе не им помагаат

0
166

Колумна на Никола Тасев:

Пред две години се отвори нов бизнис – продажба на розови наочари. Наочарите беа претходно користени, од времето на Груевски, но се уште беа во добра кондиција. Розовите наочари овозможуваа кристално чист поглед за луѓето да бидат насмеани, позитивни, радосни, богати… Наочарите нудеа ЖИВОТ ЗА СИТЕ!

Бизнисот тргна перфектно, како одминуваше секој ден се бараа се повеќе, а како одминуваа месеците се бараа со се поголем диоптер. Ги делеше Владата на народот преку своите медиуми, новинари и експерти, особено во клучните моменти кога поразите требаше да се претстават како победи, неуспехот требаше да се види како успех, кога економскиот пад требаше да се види како развој, енормното задолжување како инвестиција, рекетирањето на бизнисот како нормална појава…

Власта на СДСМ две години наназад создава паралелна реалност дека Македонија е економски лидер во регионот, странските инвеститори полуделе од желба да дојдат кај нас, дека платата е 500 евра, невработеност е со најнизок процент досега, дека ги задржуваме младите и ги враќаме оние кои претходно отишле, дека капиталните инвестиции се огромни и државата се гради, и дека во следниот нивни мандат ќе го испратиме првиот Македонец на Месечината…

Во реалниот живот, ниту имаме економски раст, ниту сме лидери во регионот, ниту платата е 500 евра, ниту се враќаат младите, ниту инвеститорите доаѓаат, ниту невработеноста опаѓа, ниту државата се гради, ниту пак во следниот нивни мандат ќе го испратиме првиот Македонец на Месечината, освен ако следниот нивен мандат не го планираат за во 22 век.

Владата, за жал одбра да оди по обратен пат: наместо да го подобрува животот на луѓето, таа им го подобрува видот со розовите наочари. А го научија тоа од нивните претходници! Народот го урна Груевски, но тие си го задржаа „груевизмот“, го прифатија како своја религија и го надградија.

Тоа ми го потврди и Златко. Ми се јави! Оној политичарот за кој пишував минатиот пат. Златко кој 20-тина години шеташе по различни партии, но секогаш беше со власта – беше лут. Но не на мене што сум пишувал, туку на власта!? Опааа!!!
Разочаран, цел час ми раскажуваше за последните случувања во Собранието, кои претходеа на распуштањето. Раскажуваше како се обезбедувале гласовите од пратеници. И сега и претходно! Насилство, уцени, ветувања, циркус… Така се смени и името и уставот и се донесоа многу
контроверзни закони.
– Никогаш повеќе да не се повтори, искоментира Златко на крај, лут на власта.
Не му поверував на искреноста, затоа што знам дека разочарувањето му е моментално, многу брзо ќе се налепи кај нова власт. Златко без власт не може.

Но, новата власт мора да ја затвори вратата за Златковци, да го затвори нивниот бизнис со розовите наочари.

Со визија и сериозна работа може вистински да се обои сивилото и црнините што ги остави оваа власт.