ОЈО проверува дали има неправилности при поништувањето на решенијата на Наќе Чулев

0
79

Основното јавно обвинителство ќе проверува дали има неправилности при поништувањето на решенијата донесени од техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, од страна на Владата.

„Во поглед на наводите на техничкиот министер на Министерството за внатрешни работи, кои беа изнесени на 19.2.2020 година, а се однесуваат на одржаната седница на Владата на 15.2.2020 година и на донесената одлука за поништување на решенијата донесени од техничкиот министер, Основното јавно обвинителство Скопје ја известува јавноста дека ќе ги провери овие наводи за да утврди дали има неправилности што би упатиле на извршено кривично дело, кое се гони по службена должност. Со таа цел надлежниот јавен обвинител поднесе барање до Владата за обезбедување на потребните податоци и писмени докази, кои се однесуваат на наводите“, соопти обвинителството.

Претходно, до Основното јавно обвинителство Скопје од страна на дополнителниот заменик на министерот за внатрешни работи беше поднесена кривична пријава против техничкиот министер на Министерството за внатрешни работи за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето од член 353 и несовесно работење во службата од член 353-в од Кривичниот законик. Пријавата се однесува на донесената телеграма од 8.1.2020 година од страна на техничкиот министер, со која се известуваат раководителите на организациони единици во МВР дека решенијата за распоредување потпишани од поранешниот министер за внатрешни работи, кои не се врачени, не треба да им се врачуваат на вработените на кои се однесуваат.

„Во поглед на оваа кривична пријава, надлежниот јавен обвинител издаде наредба да се направат проверки до Министерството за внатрешни работи, до техничкиот министер и до дополнителниот заменик-министер, од кои се бара да достават релевантни податоци и да приложат писмени докази. И во двата предмета, во зависност од доставените податоци и докази, Основното јавно обвинителство Скопје ќе одлучи во согласност со Законот за кривичната постапка“, се наведува во соопштението.