Да размислуваме како да помагаме на сиромашните

0
157

Колумна на Али Февзи:

Поминаа веќе неколку месеци како што се обидувам на најразлични начини да им помогнам на повеќе фамилии со многу мали деца кои се во крајно лоша животна состојба. Глетката што јас ја видов, како мали деца одат по земја, како немаат со што да се покријат во ова студено време не може никого да не поттикне да им помогне. Се ангажирав и помагањето тргна. Не го жалам својот труд и ангажман. Среќен сум што она што го почнав најде и на подршка кај граѓаните, кај комшии, пријатели, кај луѓе кои до вчера не ги ни познавав. Секој од нив од свои домови најде нешто што не му треба, а со што може да помогне. Ми носат во берберница, а јас потоа им го доставувам на оние на кои им требна. Сега почнавме и со помагање со мебел, бела техника, со обезбедување покрив на глава…

Што ни кажува сето ова? Прво дека има се повеќе луѓе на кои им е потребна помош, за она што е најосновно, за чорапи, јакни, ќебиња, постелнина, храна… Второ, дека има многу луѓе кои сакаат да помагаат. Навистина, во нашите домови имаме многу непотребни работи кои ги чуваме, а никогаш не ги користиме. Зошто макар еден дел од нив, оној најнепотребниот, да не го отстапиме на другите. Зарем не е убаво чувство да знаеме дека некој наш стар, непотребен, џемпер ќе стоплува некое дете во овој ладен период. Значи, треба само да се организираме подобро – да има некој начин да се поврзат оние на кои им треба помош со оние кои би ги отстапувале непотребните работи. Јас се нафатив да го правам тоа преку нашата семејна берберница во Аеродром. Но, колку вакви „пунктови“ би можеле да се направат по градот, во секоја од сите десет скопски општини. Сигурно дека би можеле многу. Заради тоа време е да почне да се размислува и за такво нешто.

Во градот има доста институции кои се занимаваат со помагање на сиромашните, секоја на свој начин. Меѓутоа, помошта никогаш не е доволно. Потребите на овие луѓе се големи. Ајде тогаш, сите да размислуваме како им се помага на најбрз и најефикасен начин.