Лично Чулев соопшти: Полицаец лишен од слобода оти барал мито од 6.000 денари

0
171

Полицаец од Скопје е лишен од слобода откако од еден граѓанин побарал 6.000 денари како мито. Тој бил приведен од полициските службеници на местото на предавањето на парите кои претходно биле кримтехнички обработени откако граѓанинот целиот случај и го пријавил на полицијата.

Информацијата за ова пред неполн час на својот ФБ профил со јавноста ја сподели лично министерот за внатрешни работи Наќе Чулев при што наведе дека се работи за полицискиот службеник Б.Џ.

– Полицискиот службеник со цел да не преземе службени дејствија во смисла на изготвување на платен налог за наводно сторен прекршок побарал и примил поткуп. Од страна на полициски службеници бил приведен на местото кое претходно било договорено како место за предавање на поткупот. Полицискиот службеник е лишен од слобода и при прегледот од него се одземени парични средства во износ од 6.000 денари, потенцира во објавата Чулев.

Министерот ги повика вработените во МВР да ги почитуваат законите, а граѓаните ги охрабрува да пријавуваат секое прекршување на законите од страна на полициските службеници.