Почнува трката по „новиот Халанд“

0
122

Младите голгетери се на цена во фудбалска Европа, а откако Ерлинг Халанд се покажа како вистински погодок, во Белгија се појави напаѓач што со своите карактеристики потсетува на норвешкиот тинејџер. Станува збор за Џонатан Давид, 20-г0дишниот канадски интернационалец кој настапува за Гент, бележејќи одлични игри во дресот на овој белгиски клуб.

Тој сезонава одигра вкупно 37 средби за белгиската екипа, притоа постигнувајќи 22 гола и 10 асистенции, а агентот Ник Мавромарас најавува сигурен трансфер во некоја посериозна лига во текот на летниот преоден рок.

„Гент направи многу за кариерата на Џонатан, јасно е дека сакаат да го задржат, но тој е подготвен за чекор напред, во земјa и клуб што ќе бидат на едно повисоко ниво“, истакна Мавромарас.

Добрите игри на канадскиот голгетер први ги забележале Арсенал и Манчестер Јунајтед, кои редовно испраќаат скаути да ги следат игрите на Давид. Сепак, неговите одлични настапи во последно време го привлекле вниманието на уште неколку врвни европски клубови, па во трката по Давид се вмешале и Порто, Ајакс, Лион, Интер, Борусија Дортмунд и Баер Леверкузен.

Гент планира добро да го наплати заминувањето на својот најдобар фудбалер, па летната аукција ќе стартува со почетна цена од 25 милиони евра.