Владата нареди: Итна набавка на маски и ракавици, екскурзиите да се одложат…

0
179

Итна набавка на маски, ракавици, дезинфекциски средства, заштитна облека, одложување на патувањата и екскурзиите во Италија, влез на патници од Италија само на одредени гранични премини и препорака до граѓаните да не патуваат во Италија и други земји каде има корона вирус, се превентивни мерки кои денеска ги донела Владата. Тие се донесени врз основа на препораките на Кризниот штаб за справување со коронавирусот на Министерството за здравство и на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи.

Ќе биде формиран и постојан центар за информирање на јавноста во кој ќе бидат вклучени и Граничната полиција и кој ќе има тесна соработка со медиумите.

-Се ограничува влегувањето во земјата од кризните подрачја од Северна Италија само преку аеродромите во Скопје и Охрид и граничните премини Ќафасан, Табановце, Блаце, Богородица и Деве Баир. Заштитни средства треба итно да се набават за институциите од системот за Интегрирано гранично управување и за другите институции со цел заштита на персоналот. Министерството за здравство треба итно да набави соодветна количина сапун и дезинфекциски средства за училиштата, детските градинки и јавните тоалети, се наведува во препораките.

Освен да ги одложат екскурзиите училиштата треба да организираат едукативни часови за превенција од коронавирусот, во соработка со локалната самоуправа и центрите за јавно здравје.

-Препорака до установите за згрижување на деца од предучилишна возраст, да преземат мерки за соодветен третман за дезинфекција на обувките при влегување во градинките, се наведува во соопштението.