Во Скопје виреат најмногу милионери, особено се истакнува една жена

0
173

Годишен бруто приход од 17,1 милион евра за 2018 година, односно, 1.056.992.055 денари, пријавила скопјанка, со што е прва на листата на годишните приходи, соопшти денеска Соња Лукаревска, директорката на Управата за јавни приходи. УЈП ја презентира статистиката за највисоките годишни бруто приходи пријавени во годишната даночна пријава за 2018 -та година од страна на граѓаните. 

Не е соопштено во која дејност работи оваа скопјанка, а законските правила не дозволуваат и откривање на нејзиниот идентитет. Исто така, ова граѓанка за 2018 година пријавила дека остварила бруто приход од капитални добивки од 841.164.000 денари, односно, 13,6 милиони евра, што е најголем износ кој некој наш граѓанин го остварил во последните десет години.

Инаку, дури седум скопјани се наоѓаат меѓу десетте граѓани од целата земја според остварената заработувачка во минатата година. Втор на оваа листа е скопјанец кој остварил заработувачка од 7,3 милиони евра, или 453.517.731 денар.

И на листата на самостојни вршители на дејноста доминираат скопјани: рекордерот пријавил заработка од 46.024.172 денари, односно, околу 742.000 евра, а на листата на топ-десет лица кои најмногу заработиле се и скопски адвокати, нотари и извршители.

Интересно е дека најмладото лице кое е пријавено со над милион денари приход е двогодишник, роден во 2018 година кое доходот го остварил по основ на дивиденда. Најмладото лице во групата над 10 милиони денари приход имало 21 година. Највозрасното лице кое пријавило прихот поголем од еден милион денари имало 99 години и тоа во меѓувреме починало. Во групата со заработка од над 10 милиони денари највозрасниот имал 93 години.

Според дејностите, и оваа година, највисоки плати се исплаќале во здравство, трговија со тутунски производи и информатички технологии.