Сити го освои „Сантијаго Бернабеу“, Јувентус загуби во Лион

0
112

Манчестер сити успеа да стигне до фантастична 2:1 победа во дуелот на „титаните“ на „Сантијаго Бернабеу“ против Реал Мадрид, благодарение на неверојатната Кевин де Брујне, кој имаше гол и фантастична асистанција, за тимот на Пеп Гвардиола да остане фаворит за трофејот од ЛШ кај букмејкерите, додека Јувентус на Маурицио Сари ќе мора да се потруди на домашниот меч против Лион, откако си замина од Франција со 1:0 негатива.

Реал Мадрид немаше најдобро прво полувреме, во кое упати само три удари на голот, најмалку на „Бернабеу“ од ноември 2013 година, додека Сити покрај тоа што успеаја да ги минимизираат шансите на противникот, имаа и неколку добри шанси.

Откако Ријад Марез пропушти две шанси на почетокот на второто полувреме стигна казната во 60-тата минута од мечот, кога по грешката на Илкај Гундоган, Жуниор Винисиус и Иско имаа одлично проигрување и Иско успеа да го совлада Едерсон.

Меѓутоа, финишот дефинитивно им припадна на англиските шампиони. Во 78. минута, Кевин де Брујне имаше фантастично „влетување“ во шестнаесетникот на Реал, и со одлична асистенција го пронајде Габриел Жесус за 1:1. Во 83. минута, Рахим Стерлинг, кој беше замена на Пеп Гвардиола, беше соборен во шестнаесетникот од Карвахал, а од пенал својот 50. гол за Сити го постигна Де Брујне.

Нервозата раснеше кај домашниот тим, за капитенот Серхио Рамос во 88. минута да добие црвен картон за повлекувањето на Жесус, со што нема да биде достапен за реваншот на „Етихад“, каде што „кралевите“ ќе мораат да направат нешто посебно.

Домашна задача ќе има и Јувентус, откако на „Групама“ во Лион не успеа да се опорави од голот кој го прими во првото полувреме и во Торино ги очекува негатива од 0:1, бидејќи во второто полувреме им беше поништен гол, а имаше и неколку повици за пенал, иако на крајот статистиката вели дека не упатија ниту еден удар на гол!

По спориот старт, Лион ја презеде иницијативата и дојде во водство преку Тусар, кој одлично реагираше и го совлада Шчесни, а набргу имаа уште една шанса за удвојување на водството преку Екамби. „Бјанконерите“ во второто полувреме ја презедоа контролата, доминирајќи со топката, но во 88. минута голот на Пауло Дибала беше поништен поради офсајд, а двапати се бараше и пенал, по паѓањето на Роналдо.