Ќе бидат ли храбри пратениците да излезат пред оние кои ги изгласаа и плаќаа за да објаснат што сработиле?

0
155

Нoсеа спорни одлуки, си заминаа, отчет не дадоа

Пратениците се распуштија пред само 10-тина дена, а јавноста како да ги подзаборави. Не, не дека ни фалат, ама не се бара отчет за нивното работење. Додуша и самите пратеници, барем засега, не покажаа дека сакаат и имаат намера да им објаснат на македонските граѓани што (не)сработеле за време на мандатот.

Ќе дочекаме ли пратеник да излезе во својата изборна единица и да реферира? Зошто им се плаќаа канцеларии? Граѓаните заслужуваат барем сега на крајот, да чујат, објаснувања од својот пратеник, на пример – „дискутирав во парламентот толку пати…“, „поднесов толку иницијативи…“, „за мојата изборна единица направив ова и ова…“, „не дозволив да се наруши во Македонија ова и ова…“, „за три години земав волку патни трошоци…“, „имотот сега ми е волку…“, „често не ве консултирав поради ова…“, „името на земјата се смени оти…“ и така да се отвори една дискусија неколку часа.

Ќе се добие ли барем сега на крајот некаква транспарентност и одговорност од избраниците кои имаа и многу привилегии добиени баш од оние на кои треба да им реферираат?

-Се спакуваа и си заминаа од парламетот така речи набрзина. Голем дел од нив сега и ќе се тргнат по страна неколку месеци за да подзаборавиме што направија од Македонија и потоа ќе си тераат работа како ништо да не било. А добро е да се сретнат со нас и да ни кажат што сработиле, а што ветуваа, ни вели карпошовката Славица.

Скопјани со кои разговаравме се разочарани и сметаат дека овие пратеници, од овој состав, најсилно покажале дека избрале да бидат партиски пиончиња, а не претставници на граѓаните.

-За овие пратеници само негативно можам да кажам. Мандатот им го одбележа спорно формирање на парламентот, го заобиколија референдумот за името, го сменија Уставот, наплатуваа големи патни трошоци. Растурија се што тие пред нив држеа, до државноста и до името. А тоа кој колку украл им е својствено на сите од 1992 до 2020 година, тоа им лежи на сите, вели скопјанецот Горан Силјановски.

Незадоволството на граѓаните се зголеми кога деновиве во јавноста се појавија информациите за трошењата на овој парламентарен состав. Само за последните три години – 2017, 2018 и 2019 година – според податоците на Државната комисија за спречување на корупцијата на пратениците им се исплатени вкупно 1.425.923 евра како надоместоци за превоз. Истовремено, се откри и дека 23 пратеници имале сопствени станови или станови на име на членови на семејството во Скопје, но и покрај тоа примале надоместоци за користење на автомобили за доаѓање во парламент!?

-Ги интересира само и само лично богатење и луксузирање врз грбот на овој напатен народ. Го оставаат да мизерува со 200 евра плата, а тие живеат како кралеви. Од каде тие пари за луксуз? Од нас, од овој народ. Кој им го дава правото со парите од овој народ да седат во тие удобни фотељи и да носат закони со кои го угнетуваат истиот тој народ, со извршители на пример, вели граѓанинот Андреа Штаклев.

Скопјани реагираат и на тоа дека имало сомнителни коруптивни елементи дури и при промена на уставното имe на државата како и при носење на законот за обвинители кои треба да се борат против корупција. Нашите соговорници бараат државните институции да им го проверат имотот на пратениците за кои сметаат и дека беа многу арогантни.

Што најмногу им се забележува на пратениците кои заминаа:

Заобиколување на мислењето и ставот на граѓаните

Послушност кон партијата – лидерот

Подложност на пазарења и уцени

Преголеми трошења

Некомпетентност и ароганција

Целиот текст со уште изјави на скопјани може да го прочитате во бесплатниот неделник СКОПСКО ЕХО.