Зошто не знаат да постават шахти на иста висина со асфалтот?

0
266

Зошто во македонската метропола не постои улица на која шахтите се изедначени во висина со асфалтот, па кога се возиме едноставно да не ги чувствуваме? Ова е прашањето на кое надлежните немаат одговор.

Оној кој прошетал во европските градови, со воодушевување констатира дека шахтите се на идентично ниво со афалтот, и што е уште поважно не се наоѓаат на среде улица. Ама, кај нас не е така.

Во Скопје нема улица на која шахтите се на страна, па ако треба да се интервенира се блокира целиот сообраќај. Тогаш возилата чекаат додека да заврши интервенцијата и се прават колони и хаос. На буквално истите проблеми се жалат граѓаните во сите скопски населби. Помалку иронично го споредуваат владеењето на правото со нивелирањето на шахтите.

– Исто е во Аеродром, Хром, Автокоманда, Драчево, Топанско Поле, Чаир, Центар. За какво обезбедување на владеењето на правото зборуваме кога ние не можеме една рамна шахта со асфалтот да направиме. Автомобилите си ги испокршивме, па на нашите улици е греота нова кола да си купиш, коментираат скопјани.

Последниве години не слушнавме ниту еден план на локалните самоуправи како да се санира овој проблем. Факт е дека поголем дел од шахтите се стари, поставени пред многу години, па на актуелните локални власти не им се приоритет, сепак време е некој да се сети и да понуди решение.