Пробувам да им простам, но некои работи не се простуваат

0
175

Денеска ќе даваме и ќе добиваме прошка за работите кои сме ги згрешиле на членови на семејството, на пријатели, познаници, колеги… Прочка е. Традицијата налага, прошката да ја бара помладиот од постариот или пак, оној што му згрешил на другиот.

Ќе побараат ли барем денеска министрите и пратениците прошка од народот? Еве што ни одговорија вчера неколку наши сограѓани на ова прашање при анкетирањето кај трговскиот „Бисер“ во општина Аеродром:

– Не може да очекувате да побараат прошка тие кои мислат дека се безгрешни и дека народот треба да е среќен што ги има нив за функционери, ни вели средовечна аеродромка.

– Пробувам да им простам. Само за да имам поголем мир во мене бидејќи многу немир во душата ми носеа целата година. Оставам Бог да реши што им е за простување, а што не, додаде жената која беше заедно со првата соговорничка.

– Министрите се како лисици. Може и да ти побараат прошка, ама колку да ти го свртат умот, а веќе по еден час ќе си договараат тендери и други дребулии од кои ќе ги полнат џебовите со народните пари. Затоа нека не се обидуваат да ми бараат прошка, ни одговори еден пазарџија.

– Некои работи не се простуваат па макар и да ме молат. Крадење и ароганција некако може да простам, но не и газење и предавство на својот род и историја, дециден е Владо од Лисиче.

– Треба да се простува, така вели Исус. Но како да им простам кога тие не се покајале? Колку гледам министрите и пратениците грабаат се што ќе пофатат, ја уништија иднината на моите внуци, ни вели пензионерот Јане.

– Овие од власта многу гревови носат на душа. Нив и Бог не може да им прости, а не пак јас. Не ни сакам да ми бараат прошка, кратко прокоментира друг пензионер.

Сепак, останува енигма дали денеска воопшто водечките политичари ќе побараат прошка? Можеби нив прочка им е повеќе синоним за маскенбал?