Соседите изненадени од самоубиството на момчето кое било мирен и добар сосед

0
151

Се уште е енигма кои се причините за самоубиството на мажот кој утрово скокна од зграда во скопски Аеродром. Тоа го кажуваат и станарите на една од трите воени кули на улицата „Методија Шаторов Шарло“ во која што живее мажот-момчето за кој велат дека има околу 30 години.

-Беше сосема мирно момче, го знам добро. Живееше со родителите и сестрата на 12 – ти кат, не беше женет. Никогаш до сега не правел никакви проблеми во зградата. Навистина сум изненаден од тоа што го направи, ни рече еден од станарите во зградата.

Друга комшика ни рече дека изутрина само слушнала силен тап удар.

-Силно одекна и јас помислив дека звукот доаѓа од блиското градилиште. Меѓутоа, после брзо дојде екипата на Брза помош, на полицијата и разбравме што се случило. Момчето беше уште во пижами, бос…, ни рече таа.

За жал, утрово, лекарите од Брза помош можеле само да констатираат смрт, а полицијата извршила увид. Од МВР за медиумите изјавуваат дека пријавата ја добиле рано изутрина.

– Во 7 15 часот беше пријавено во СВР Скопје дека на улица „Методија Шаторов Шарло“ во населба Аеродром, момче на триесетина година со скокање од зграда извршило самоубиство. По пријавата екипите на СВР – Скопје излегоа за да извршат увид – изјавија во полицијата.