Алпите им се помили, не купија 3 топа за вештачки снег на Пониква

0
354
Foto

Колумна на Никола Тасев:

Повеќе од 50 илјади туристи од европските земји, претежно од Франција, Австрија, Италија, Швајцарија и Словенија, ги посетија македонските популарни скијачки центри. Речиси идентично како и минатата година љубителите на зимскиот туризам во своите држави назад, покрај, за одамна популарните Маврово и Попова Шапка, ги понесоа и приказните за питомоста на Пониква, пространоста на Кожуф, колоритноста на Пелистер и уникатноста на Крушево. Вкупниот девизен прилив од овие странски туристи во Македонија е проценет на повеќе од 40 милиона евра. Секако во оваа бројка не се влезени огромните средства што на македонските ски центри го оставија туристите од соседството.

Уф… Колку убаво ќе легнеше оваа приказна да беше вистинита!

А можеше да биде, барем и половина од ова. Ако некој од „нашите владетели” видеше дека туризмот во последниве 20 години во време на отворени граници се наметна како еден од најважните општествени, економски и спортски феномени на современиот развој на светот.

Но, без вештачки снег, вложување во инфраструктурата, во туристички работници, без придружни услуги, без промоции и маркетинг зимски туризам не се прави. Без ова не се прави ниту летен туризам, но барем знаеме зошто го немаме – кога немаме море.

Природата ни дала питоми, високи и пространи планини. Зимски убавици што не знаеме да ги нашминкаме. Единствената успешно започната приказна во зимскиот туризам во последните 20 години е од времето на Љубчо Георгиевски на Кожуф: прекрасен зимски центар, на средина помеѓу два аеродрома Скопскиот и Солунскиот, најсовремена инфраструктура, огромен потенцијал…

Но наредните Влади, наместо да го развиваат и промовираат новиот ски центар – го затворија! Немаа сила или знаење да направат нормален пат до 10-тина километри до центарот. И оттука да не не чуди што во неодамнешна анкета по средните училишта низ Македонија, на прашањето кој е најблизок наш скијачки центар само 11 отсто одговориле Маврово, само 3 отсто Попова Шапка, а за 42 отсто одговорот бил Банско во Бугарија. Дури и Боровец и Копаоник имале поголеми процент од нашите центри. А Пелистер и Пониква не им биле познати на нашите средношколци.
Ќе си ја чукнат ли главата најповиканите барем за идните сезони? Но да се разбереме, не само за време на изборни кампање кога ќе ни редат нови ветувања! Од претедентите за власт, јавноста очекува конкретни планови: како Пониква да стане македонски Копаоник, како Пелистер да биде македонско Банско…

Но изгледа полесно им е да наредат пусти соништа на предизборен памфлет, нив топ не ги бие за нашите планини, тие се радуваат на снежните топови на Алпите! А можеа да купат такви топови за кај нас, но…