Комората не може да ѝ ја одземе лиценцата на заразената докторка, во законот нема таква одредба

0
127

Заболената директорка на Универзитетската клиника за дерматологија Нина Цаца Биљановска, која не ги испочитува протоколите на Министерството за здравство за заштита од коронавирус, и натаму ќе има лиценца за работа, бидејќи Лекарската комора вели дека не може да ѝ ја одземе.

Според нив, во Законот за здравствена заштита не е наведено како треба да постапат доколку медицинско лице свесно го загрозува здравјето на останатите.

Лиценцата на докторката може да биде одземена само доколку наложи судот, велат од Лекарската комора, бидејќи загрозувањето на туѓото здравје подлежи на казна согласно Кривичниот законик.

За јавната опомена на директорката Биљановска ќе одлучува комисијата при Лекарската комора во текот на утрешниот ден.

„Лекарската комора како професионална организација смета дека треба да ги информира докторите во врска со коронавирусот. Тоа го направивме преку нашата веб-страница каде ги објавивме препораките на СЗО, како и упатствата за здравствените работници и упатствата во случај на сомневање од постоење на коронавирус“, посочија од Лекарската комора.

Вчера министерот Венко Филипче обелодени дека 193 лица, кои биле во контакт со заразената докторка, се во 14-дневна изолација. Исто така, Клинката за кожни болести ќе биде затворена во наредните две недели.