ЕВН со препораки да се плаќа електронски, а не на шалтерите

0
136

За да се придонесе кон заштита на јавното здравје и да се дејствува на спречување на ширењето на вирусот, ЕВН ги замолува корисниците посетите на приемните канцеларии во корисничките енергоцентри и во инфо-центарот во ГТЦ во Скопје да се намалат на минимум. Доколку доаѓањето е неопходно и неодложно, да се почитува електронскиот систем за ред на чекање, да се чека на отворен простор пред канцелариите, пред да влезат да си ги дезинфицираат рацете и да се држи меѓусебно растојание од најмалку 1,5 метар.

Додека важат мерките за заштита, нема да работат приемната канцеларија на ЕВН во Дебар и наплатниот пункт во Гостивар. Тие ги замолуваат корисниците да ги користат онлајн-услугите на ЕВН.

На порталот www.evnonline.mk, без да се регистрираат корисниците, може да се пријават за електронска фактура и бргу да платат фактури. Со регистрација на профилот достапни се и услугите: проверка и плаќање долгови, преземање копии од фактури од последните 12 месеци, увид во историјата на сите плаќања реализирани преку корисничкиот профил и барање за потврда за успешно плаќање.

„Покрај мерките за заштита на корисниците, ЕВН ги засили и мерките за заштита на човечките ресурси. Строго се применуваат внатрешните процедури за заштита од ширење на вирусот и во целост се применуваат владините мерки и препораки. Најважно е вработените да останат здрави и работоспособни за да може да го одржуваат дистрибутивниот систем. ЕВН ќе го одложи и исклучувањето на корисниците за неплатени сметки додека траат вонредните мерки. Ги замолуваме корисниците овие препораки да ги разберат како заеднички придонес кон заштита на здравјето. Тие се неизбежни за да останеме сите заедно во добро здравје“, се вели во соопштението.