Од денес зачестена дезинфекција во сите државни институции

0
87

Врз основа на заклучоците и препораките донесени од Владата и Министерството за здравство за превенција и заштита на јавното здравје и здравјето на граѓаните од коронавирусот, Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) на Владата, денеска бесплатно подели средства за дезинфекција на рацете во повеќе министерства, владини институции, како и во дел од органите во состав на министерствата.

Средствата за дезинфекција на рацете се наменети за сите вработени во институциите, како и за граѓаните што ги користат нивните услуги, зашто здравјето на граѓаните е, пред сè!
Во текот на викендот, ќе се спроведе дезинфекција во просториите на сите министерства, како и во органите на управата.

Дезинфекција ќе се изврши и во резиденцијалните објекти на претседателот на државата и на претседателот на Владата, на клубовите на органите на државната управа (угостителски објекти), магацинските простории на општите служби, како и на возниот парк на Службата за општи и заеднички работи при Владата.

Оваа мерка за дезинфекција, како и снабдувањето на институциите со средства за дезинфекција на рацете, ќе продолжи во повеќе наврати, ќе се спроведува во институциите, особено онаму каде што се најголеми фреквенцијата и комуникацијата на граѓаните со администрацијата како придонес за спречување на ширењето, за превенција и за заштита на јавното здравје и здравјето на граѓаните, соопшти Владата.