Грција ги затвора границите со Македонија и Албанија

0
79

Грчката влада објави дека ги затвора границите на земјата со Албанија и Северна Македонија и ги прекинува фериботските врски со Италија, со цел да се спречи ширењето на коронавирусот, јавуваат грчките медиуми.

Усвојувањето на новите мерки уследи по состанокот на високи функционери со премиерот Киријакос Мицотакис.

Меѓу донесените мерки се:

Прекинување на патните, морските и воздушните врски со Албанија и Северна Македонија, со исклучок на пренесувањето на стоки и влез во Грција за оние кои имаат грчко државјанство или живеат во земјата.

Суспендирање на услугите на ферибот кон и од Италија. Транспортот на стоки продолжува.

Забрана за крстарење на грчките пристаништа.

Воздушните врски со Шпанија се прекинати.

Парична казна до 5.000 евра ќе им се издаде на оние кои ги кршат најавените мерки.

Новите мерки следуваат по информацијата дека еден пациент во болницата во Солун починал од коронавирус, со што вкупните смртни случаи во земјата достигнаа четири лица. Во Грција бројот на заболени од коронавирус изнесува 228 луѓе, а 38 нови случаи се регистрирани во саботата.

Властите во земјата ги затворија училиштата, универзитетите, музеите, театрите и сите спортски настани.