ЕВН привремено ги затвора сите приемни канцеларии за корисници

0
71

Приемните канцеларии и Инфо центарот на ЕВН нема да работат во периодот додека се на сила вонредните мерки за заштита од коронавирусот. Ќе се користат телефонските и електронските контакти на компанијата.

„Нема да работат приемните канцеларии во сите Корисничкиенерго центри на ЕВН, како и Инфо центарот во Скопје. Корисниците во овој период треба да ги користат онлајн услугите на ЕВН и во случај на итност телефоните за контакт во секој Кориснички енерго центар. На порталот www.evnonline.mk, корисниците може да се пријават за електронска фактура и брзо да платат фактури без да се регистрираат. Со регистрација на профил достапни се и услугите: проверка и плаќање на долгови, преземање на копии од фактури од последните 12 месеци, увид во историја на сите плаќања реализирани преку корисничкиот профил и барање потврда за успешно плаќање“, соопштија од ЕВН.

Од таму велат дека во периодот додека на сила се вонредните мерки нема да се изведуваат нови приклучоци освен оние кои се неопходни да се реализираат. Нема да се отчитуваат мерните места најмалку еден месец, поради што корисниците ќе добијат сметки со проценети вредности, слично како во летниот период (просек од потрошувачката во последните 12 месеци). По завршување на вонредните мерки, со следното отчитување ќе се израмнат евентуалните отстапувања направени при проценка на потрошувачката.