Мицкоски: Да се прогласи кризна состојба и да се одложат изборите

0
99

Здравјето на граѓаните е поважно од било која друга политичка пресметка, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција.

Тој е уверен дека поради состојбата на коронавирусот треба да биде прогласена кризна состојба на територијата на целата држава, а неопходно е и одложувањето на изборите.

Мицкоски нагласи дека избори во период на пик на коронавирусот, би значеле отворање на нови жаришта, па затоа побарал свикување на лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски на која ќе стане збор за одлагање на изборите.

„Потребно е одговорно однесување, кон граѓаните и државата. Нема ниту една разумна, и ниту една човечка, рационална, и прагматична причина тие да не се одложат, бидејќи за мене, а верувам и на останатите, борба за власт по цена на животите на граѓаните е неприфатливо. Воедно сакам да ја информирам јавноста дека веќе остварив разговор со претседателот Пендаровски и лично го информирав за овој предлог, кој се согласи да свика лидерска средба во најкус можен рок. Треба да ги следиме препораките на стручните лица и анализите за справување со вирусот“, нагласи Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека неопходни се и дополнителни мерки, бидејќи од стручните тимови во партијата добил загрижувачки извештаи и прогнози за економијата.

Отсуството на брзи мерки од Владата, вели Мицкоски, значи дека стопанството губи милиони евра и тоа на дневна основа, а месец март ќе биде црн месец за бизнисот.