Фондот за иновации утре ќе ја одржи првата онлајн прес-конференција како мерка против коронавирусот

0
72

Фонд за иновации и технолошки развој утре ќе ја одржи првата онлајн прес-конференција. Ќе биде претставен нов повик „Креатон“ кој се однесува на прибирање идеи за развој на дигитални алатки за побезбедно и поквалитетно справување со коронавирусот.

„Во околности на зајакнати мерки за превенција од ширењето на  вирусот Ковид-19, кои наметнуваат значителна промена на дневната рутина на целото население, целта на предизвикот е прибирање идеи за развој на дигитални и други алатки и решенија наменети за различни старосни групи и категории граѓани за побезбедно и поквалитетно справување со новонастанатите околности. Со овој повик ФИТР како одговорна институција се вклучува во напорите за подигање на свеста за почитување на препораките и ограничувањата за справување со епидемијата од коронавирусот и последиците од неа. Од друга страна, целта е да ги поттикнеме и мотивираме граѓаните, организациите и компаниите да развијат иновативни и креативни решенија за обезбедување подобар квалитет на животот во овие вонредни околности“, велат од Фондот за иновации.

Во согласност со мерките за превенција и со цел заштита на новинарите, како што нагласуваат од Фондот, прес-конференцијата ќе биде исклучиво онлајн и ќе се пренесувана на фејсбук-страницата и јутјуб-каналот на ФИТР, утре во 12 часот.

Новинарите ќе можат директно да поставуваат прашања во инбокс на фејсбук-профилот на ФИТР и на  адресата на е-пошта marija.ilic@fitr.mk за додека трае прес-конференцијата.

Предизвикот „Креатон“ е поддржан од Амбасадата на Швајцарија во Република Северна Македонија, УСАИД, УНДП, УНИЦЕФ и МАСИТ.