Неготинец со лажни огласи на интернет измамил четири лица

0
72

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Д.К.(33) од Неготино поради постоење основи на сомнение за сторени четири кривични дела измама.

Во текот на 2016 пријавениот ги извршувал кривичните дела на начин што на интернет отворил оглас на кој нудел посредување за добивање работна виза во странство и се претставувал под различни имиња, при што на оштетените Ф.С.(27) од с.Шемшово – Tетовско, Х.В. (47), С.С. (38) и Р.А. (33) од Тетово, им ја давал неговата трансакциска сметка за да извршат уплата на парични средства од 180 до 2.000 евра, а по извршената уплата им барал да достават фотографија од извршените уплатници преку социјалната мрежа и потоа ги блокирал сите четири мобилни телефони што ги користел.

На оштетените им е причинета материјална штета во износ од 226.320 денари. Од полициски службеници бил извршен претрес во неговото возило и биле пронајдени парични средства во висина од 1.309.000 денари, како и документација со пишани лични податоци од оштетените лица. Пријавениот повеќе од две години се криел во станови и изнајмени престојувалишта на подрачјето на Скопје и од страна на полициски службеници од одделението за потраги, во соработка со Надворешната канцеларија за криминалистички работи Неготино, е лишен од слобода и предаден за издржување казна затвор во КПУ Затвор Идризово.