Во Македонија прогласена вонредна состојба: Што значи тоа?

0
217
Фото

Претседателот Стево Пендаровски вечерва прогласи вонредна состојба во државата. Ваквата одлука е донесена, како што рече во обраќањето до граѓаните, за поефикасно справување со коронавирусот.

Вонредната состојба ќе трае 30 дена. Во тој период Владата до Пендаровски ќе треба да поднесе извештај од донесените мерки за заштита против корона вирусот, дневно да информираат за преземените активсоти ижурираните планови за постапување во иднина.

Владата ќе продолжи да функционира како техничка.

-Предмалку ја потпишав одлуката за прогласување вонредна состојба на територијата на целата држава. Фактот што првпат од нашата независност поднесуваме вонредна состојба укажува колку е сложена состојбата во земјата. Изборите ќе мора да бидат одложени, а ќе се закажат дури кога за тоа ќе се создаде прилика, истакна Пендаровски во вонредното обраќање.

На граѓаните уште еднаш им порача да останат дома и да не патуваат надвор.

Воведување вонредна состојба побара Владата, а со таков став претходно излегоа и лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски.

Предлогот на Владата за воведување вонредна состојба го соопшти и образложи техничкиот премиер Оливер Спасовски, по што беше доставен до претседателот на Собранието, Талат Џафери. Џафери, пак, го проследи до Пендаровски кој, како шеф на државата, има надлежности да прогласи вонредна состојба.

-Владата веќе нема ниту најмала дилема. Затоа на денешната седница предложивме воведување вонредна состојба, сега и веднаш. Мерките ги дадоа очекуваните резултати, но треба да се заострат со воведување вонредна состојба за да спречиме уште поголем пик. Убедени сме дека тоа може да се среди само со вонредна состојба, напомена Спасовски на прес-конференција во Владата.

Техничкиот премиер објасни дека Собранието прогласува вонредна состојба, но ако е распуштено, постои уставна одредба тоа да го стори претседателот на државата – тој може да прогласи вонредна состојба во траење од 30 дена. Спасовски потенцира и дека нашата држава прв пат во својата историја ќе донесе ваква мерка. Воведувањето вонредна состојба, дополни, е една од најтешките одлуки што ги донела која било влада.

Врз основа на членот 125 од Уставот став 4 ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.

Членот 126 пак од Уставот вели дека при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае по завршувањето на воената или вонредната состојба за што одлучува Собранието. (МИА)

ВОНРЕДНА СОСТОЈБА: Што значи тоа и колку време може да трае?

Вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии. Постоењето на вонредна состојба на територијата на Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници. Одлуката со која се утврдува постоењето на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена. Ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.

При постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.

За време на воена состојба, ако Собранието не може да се состане, претседателот на Републиката може да ја именува и разрешува Владата и да именува и разрешува функционери чиј избор е во надлежност на Собранието.

Мандатот на претседателот на Републиката, Владата, судиите на Уставниот суд и на членовите на Републичкиот судски совет се продолжува за време на траењето на воената или вонредната состојба. Во Македонија досега не е употребен овој член од Уставот за прогласување на вонредна состојба. Со прогласување на вонредна состојба претседателот може да суспендира одредени вообичаени функции на владата, може да се предупредат граѓаните да го сменат своето вообичаено однесување, или може да се овластат владини агенции да спроведат планови за подготвеност за опасност, како и да се ограничат или укинат граѓанските слободи и човекови права. Кратко кажано, претседателот како врховен командат ќе може да суспендира дел од владините функции и повеќе надлежности да пренесе на себе.

Одлуката на кризна состојба не може да трае подолго од 30 дена, а доколку има потреба да биде надминат овој период, односно состојбата да трае подолго, владата треба да побара одобрување од Собранието за продолжување на рокот или да предложи прогласување на воена или вонредна состојба. Собранието и претседателот на државата во секое време може да побараат усмен или писмен извештај за состојбата во областа за управување со кризи.

Законот и овозможува на владата да донесува oдлука за употреба на ресурсите на органите на државната управа, органите на општините и на Градот Скопје, како и за управување со нив во случај на кризна состојба. Употребата на ресурсите за остварување на активностите треба да биде пропорционална според природата и интензитетот на кризната состојба, разумна според карактерот на кризата и сериозна според јачината и обемот на кризата.

Како ќе се постапува во вонредна состојба ќе зависи од однесувањето на граѓаните.