АХВ: Не постојат докази дека домашните миленичиња ја шират болеста ковид-19

0
80

Прашањето што често го поставуваат сопствениците на домашни миленици, но и останатите граѓани е дали кучињата и мачките можат да бидат преносители на коронавирусот, но и како да ги заштитат своите миленици, а и себе.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека ковид-19 се пренесува исклучиво од човек на човек и дека не постојат научни докази кои би потврдиле дека домашните миленици ја шират болеста.

„Во извештајот на ОИЕ (Светската организација за здравствена заштита на животните) меѓу другото се вели дека моменталното ширење на вирусот ковид-19 е резултат на пренос од човек на човек. До овој момент не постојат научни докази дека домашните миленици можат да ја шират болеста. Исто така, нема потврда во оправданоста за преземање мерки против домашните миленици кои може да ја компромитираат нивната благосостојба. Ветеринарните служби во Хонгконг ја известиле ОИЕ дека кучето кое имало позитивен тест на вирусот ковид-19 следувал по блиската изложеност и контакт со неговиот сопственик кој бил заразен со ковид-19. Тестот спроведен со real time PCR, покажал присуство на генетски материјал од вирусот ковид-19. Кучето не покажувало клинички симптоми на болеста. Не постојат докази дека кучето има улога во ширењето на оваа болест кај луѓето ниту, пак, тоа заболело“, велат од Агенцијата.

Понатаму, во известувањето на ОИЕ се вели дека понатамошни испитувања се потребни за разбирање дали и како различни животни можат да бидат погодени од вирусот ковид-19. ОИЕ наведува дека не постојат докази како поддршка за воведување мерка на ограничување на движењето или трговијата со домашните миленици.

Во известувањето се препорачува по контакт со домашен миленик задолжително да се измијат рацете и да не се допирате по лицето и носот со валкани раце.

„Исто како со луѓето, така и со животните. Животните одат по земја, па оттаму, како што ги дезинфицираме чевлите по одењето надвор, така пожелно е да се избања и миленикот по прошетката или да му се дезинфицираат шепите. И, секако, задолжително треба да се мијат рацете по контактот со милениците. Но, сепак, потенцирам дека вирусот се пренесува од човек на човек и нема никаков научен доказ дека вирусот се пренесува од животни“, вели директорот на АХВ, Зоран Атанасов.