Бил Гејтс : Прекинот на нормалниот живот би траел два и пол месеци, доколку ситуацијата се развива добро

0
57

Американскиот филантроп и основач на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, им порача на корисниците на онлајн-форумот „Редит“дека коронавирусот може да го запре нормалниот живот во светот на 10 недели, само ако ситуацијата добро се развива.

„Ако една земја направи добра работа со запирање на нормалниот живот и изврши добро тестирање на граѓаните со коронавирус, тогаш може да се отвори во рок од шест до 10 недели, бидејќи ќе има мал број заразени лица“, рече Гејтс, цитиран од списанието ,,Блумберг”.

Гејтс, издвои сума во хуманитарни цели што би можела да достигне и до 100 милиони долари, го искористи настанот „Прашај ме нешто на Редит“ за да го искаже своето мислење за социјалното дистанцирање, вакцините и влијанието на коронавирусот врз светска економија.

На прашањето – Што најмногу го загрижува, тој рече: „Се грижам за штетата што ќе претрпи економијата, но јас сум уште позагрижен што оваа ситуација ќе влијае на земјите во развој кои не можат да спроведат социјална дистанца на ист начин како што можат да направат богатите земји и чии болнички капацитети не се толку големи “.

Гејтс рече дека сите треба да се придржуваат кон самоизолацијата бидејќи тоа ќе доведе до значителен пад на новите инфекции. „Тоа ќе ни овозможи побрзо да се вратиме во нормала. Треба да бидеме смирени иако ова е невидена ситуација“, додаде тој.

Тој беше запрашан дали може во борбата против коронавирусот да се користи лекот хлорокин, кој инаку првенствено се користи за борба против некои форми на маларија. „Многу лекови се тестираат и ова е еден од нив. Ако се испостави дека е ефикасен, ќе мора да се погрижиме да го добијат оние на кои им е најпотребен , затоа што е достапен во ограничени количини“, одговори Гејтс.

Запрашан за тоа кога може да се направи вакцината, тој рече: „Првата вакцина што треба да се направи ќе биде дадена на здравствени работници и други клучни дејности . Ова може да се случи во рок од 18 месеци ако се оди добро, но сите ние сме претпазливи во ветувањата.“.

Гејтс рече дека прекинот на нормалниот живот ќе има значително влијание врз светската економија, но и дека светот може да се опорави од предизвиканите штети доколку на рехабилитацијата и се пристапи на квалитетен начин. Инаку, Гејтс и неговата фондација со години се борат со маларијата, што според податоците од 2017 година, зарази  200 милиони луѓе. Фондацијата Гејтс донираше 2,9 милијарди долари до денес за борба против маларијата, со дополнителни 2 милијарди долари донирани за борба против СИДА и  туберкулоза.