Агенцијата за супервизија: Осигурителниот сектор е стабилен

0
67

Агенцијата за супервизија соопшти дека последните прибрани квартални податоци доставени со состојба 31.12.2019 година и спроведените вонтеренски супервизии потврдуваат дека осигурителниот сектор е стабилен.

Во насока на оперативно олеснување на работењето на друштвата за осигурување и другите субјекти на пазарот на осигурување во услови на вонредна состојба, советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето заклучи:

1. се одложува почнување прекршочни постапки кон субјектите на супервизија;
2. се одложува спроведувањето на претходно планираните теренски супервизии на друштвата за осигурување и другите субјекти на супервизија;
3. се овозможува флексибилност во доставувањето на редовните извештаи, кои субјектите на супервизија имаат обврска да ги достават до Агенцијата во периодот на траење на вонредната состојба во државата, со можност тие да се достават во дополнителен рок од 30 дена од законски утврдениот роки;
4. им се наложува на субјектите на супервизија да ги преземат сите можни мерки за одржување на нивниот капитал и солвентност во насока на целосна заштита на правата на осигурениците;
5. се препорачува субјектите на супервизија да се воздржат од распределба на добивката на друштвата во форма на дивиденда или други бонуси спрема членови на органи на управување, како и воздржување од трошење на средствата на друштвата на непродуктивни расходи во периодот додека трае кризата;
6. се препорачува друштвата за осигурување да бидат свесни за околностите во кои се наоѓаат клиентите и да постапуваат правилно со нив во текот на целиот циклус почнувајќи од побарување, купување на производот/услугата и обновување на договорот;
7. се одложува организирање обуки и испити за застапници во осигурување и осигурителни брокери.

Агенцијата продолжува континуирано да ја следи состојбата и да презема соодветни мерки неопходни за намалување на негативното влијание врз стабилноста на осигурителниот пазар и заштитата на правата на осигурениците.