За три дена, затворени 14 угостителски објекти во Скопје, Гостивар и во Куманово

0
106

Инспекторите за три дена затвориле 14 угостителски објекти во Скопје, Гостивар и во Куманово. Препораките за затворање на угостителските објекти на територијата на целата земја главно се почитуваат, но во изминатите три дена инспекторите затвориле 14 објекти, кои не ги почитувале препораките и биле отворени за посетители иако не смееле, беше соопштено на денешната прес-конференција на Инспекцискиот совет.

„Инспекторите се на терен и ги санкционираат сите оние што не ги почитуваат мерките и препораките на Владата за заштита од коронавирусот. За сите оние кај кои ќе биде утврдена неправилност, ќе следуваат санкции и казни“, рече претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска.

Што се донесува до цените во маркетите, инспекторите констатираат дека нема покачување на цените, а меѓуопштинскиот сообраќај е редуциран 80 отсто.

„Меѓународниот сообраќај е во прекин, а меѓуопштинскиот превоз се редуцира 80 отсто. Инспекторатот за труд реализира 583 контроли и донесе 5 решенија и 26 укажувања за вработени лица, кои треба да бидат дома со своите деца, а работодавците не го почитувале правилото. Инспекциските служби работат на терен и со цел да обезбедиме целосно почитување на мерките и секој што нема да се придржува, ќе биде санкциониран. Мерките се заштита на сите граѓани, сите сме одговорни, заштитата зависи од сите нас“, рече Филиповска-Грашкоска.