Приведен угостител кој не сакал да ја затвори кафеаната во Дебар

0
68

Изминатово деноноќие,безбедносната состојба во општините Дебар и Центар Жупа, каде е прогласена кризна состојба е стабилна. Не се регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нарушувања на јавниот ред и мир, кражби и нема регистрирани сообраќајни незгоди, информира МВР.

Утрово околу 07 часот, во рамки на активностите на полициските службеници кои се во согласност со оперативниот план за контрола на угостителските и другите објекти (маркети, ноќни клубови, фитнес салони, обложувалници), регистрирано е дека еден угостителски објект лоциран на улицата „Братство и eдинство“ во Дебар е отворен и не ја почитувал забраната за работа. Во објектот е затекнат сопственикот Р.Ф.(61) од Гостивар, кој живее во Дебар и група граѓани. Сопственикот е приведен и против него ќе биде поднесена кривична пријава.

„Мерките за контрола на патнички и други моторни возила за влез во Дебар и Центар Жупа, како и активностите за дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини, се одвиваат тековно и без проблеми. Сите правни лица кои вршат дотур треба да се најават во Кризниот штаб на фиксниот телефон 046/831 051 по што, нивните возила, со полициска придружба ќе бидат спроведени до трговските објекти во двете општини. Потсетуваме дека влезот е дозволен само на лица кои се жители на општините,а истовремено е оневозможен, односно строго е забранет излезот на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини. Упатуваме апел до граѓаните строго да се придржуваат до препорачаните мерки и насоки усвоени од Владата во врска со спречувањето на ширењето на коронавирусот (COVID-19), а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници.Сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки,ќе бидат санкционирани согласно член 205и 206 од Кривичниот законик“, се додава во соопштението.