Фабриките ќе работат во смени и за време на полицискиот час, работниците на работа со посебни дозволи

0
145

Производствените погони и фабрики го продолжуваат своето производство организирано во смени за време и на полицискиот час, а работниците во време на забраната ќе се движат со посебни дозволи за вршење сменска и ноќна работа.

Оваа одлука беше донесена на координативниот кризен штаб на Владата. Притоа е усвоена и содржината на дозволата и се задолжуваат да ја издаваат одговорните лица на компанијата.

„Во дозволата се наведуваат основните податоци за работникот, адресата на живеење, работното место и смената во која е ангажиран работникот. За валидност на дозволата се пополнува и називот на компанијата во која лицето работи, а треба да го содржи и меморандумот на компанијата, како и потпис и печат од одговорното лице во компанијата. Овој документ е потврда за движењето на работникот во услови на полициски час и ќе треба да се приложи на увид до органите на државата. Дозволата за движење ќе важи исклучиво за лицето на чие име е издадена“, информираат од Владата.

Воедно, оттука ги потсетуваат правните лица на законската обврска за пријава на ноќна работа. Имено, во согласност со член 127 од Законот за работните односи, работодавецот што користи работници за ноќна работа во ноќна смена меѓу 22 и 6 часот должен е да ја извести инспекцијата на трудот (Државниот инспекторат за труд).

Владата апелира до компаниите што работат во смени и за време на полицискиот час да покажат одговорност, да се придржуваат и да ги почитуваат мерките за заштитата на работниците во услови на епидемија од Ковид-19. Инспекциските служби се на терен и ќе го следат почитувањето на препораките.

Препораките за организирање на работниот процес се следните:

1. Во погоните каде што непосредно се врши производниот процес да се лимитира бројот на вработени до таа мера работниците да бидат на растојание од 1,5 до 2 м;

2. Во самиот погон задолжително да се обезбеди средство за дезинфекција нa рацете и работните површини;

3. За време на работното време од страна на вработените да се почитуваат општите препорачани мерки за повисоко ниво на лична и општа хигиена (зачестено миење на рацете и дезинфекција со употреба на дезинфекциски средства на база на алкохол);

4. Да се врши почесто проветрување на работните простории, односно повеќепати во текот на денот и доколку е тоа можно (преку природна и вештачка вентилација);

5. Еднаш неделно да се врши дезинфекција на сите работни простории, особено во погоните, од овластена служба за тоа;

6. Во случај на непосреден контакт со позитивен лабораториски потврден случај на Ковид-19 (со или без симптоми), лицето веднаш се изолира и се пријавува до надлежен центар за јавно здравје;

7. Да се избегнува контакт на вработените лица од погоните меѓусебе во текот на работниот процес, а особено со административните службеници;

8. Во случај на потреба од административна работа потпишувањето хартиени документи да се спроведува исклучиво преку едно одредено лице, кое носи лична заштитна опрема на себе (заштитна маска и ракавици);

9. Лицата задолжени за обезбедување на објектот да носат исто така лична заштитна опрема;

10. Возачите што дистрибуираат готови производи, репроматеријали, хартиени документи, исто така да носат лична заштитна опрема;

11. Да не се одржуваат состаноци/колегиуми и тие да се спроведуваат на телефон или на имејл.