Бразилските банди спроведуваат полициски час во сиромашните квартови на Рио

0
65

Бразилските банди објавија пораки низ фавелите во Рио де Жанеиро со кои им наредија на жителите да го почитуваат полицискиот час по 20 часот или ќе се соочат со последиците, пренесува РТ.

„Ако владата не ја стори вистинската работа, организираниот криминал ќе се погрижи за тоа“, се вели во известувањето.

Додека сирените на Цивилната одбрана одекнуваат трипати на ден во многу области низ фавелите, барајќи од жителите да се изолираат, наредбата од локалните криминални банди за полициски час ноќе е најостриот напор за борба против ширењето на Ковид-19 во градските сиромашни квартови.

„Внимание до сите жители на Рио дас Педрас, Музема и Тихукиња! Полициски час денеска од 20 часот. Кој ќе биде виден на улица по ова време, ќе научи да го почитува следниот пат“, се вели во една заканувачка порака.

Владата на Бразил, или, всушност, општинската власт во Рио, допрва треба да воведе полициски час. Иако училиштата, продавниците и туристичките центри и плажите се затворени, локалното население останува слободно да се движи и да се дружи.

Околу 1,5 милиони луѓе живеат во фавелиите во Рио. Лошите здравствени услуги и недостигот од санитарни услови значи дека по првиот официјално потврден случај на Ковид-19 во фавелите во саботата, инфекцијата веројатно ќе се шири како шумски пожар.

„Иронијата е дека болеста е донесена во Бразил со авион, од страна на богатите, но ќе експлодира меѓу сиромашните“, рече Пауло Бус, директор на Центарот за меѓународни односи во Фиокруз, Центар за истражување на јавното здравје.

Упатствата од здравствените експерти за миење на рацете практикување социјална дистанца се тешки за спроведување во толку густо населено подрачје во кое  честопати има недостиг од вода. Домовите низ фавелите често имаат малку прозорци, со што се намалува циркулацијата на воздухот и се ограничува изложеноста на сончева светлина, создавајќи идеална средина за респираторни заболувања како што е Ковид-19.

Покрај тоа, фавелите продолжуваат да бидат опустошувани од туберкулозата со стапки на инфекција речиси 10 пати повисоки од националниот просек, нагласувајќи ја веќе небезбедната состојба со која се соочуваат локалните здравствени услуги.

Бразил има 1.960 потврдени случаи и 34 смртни случаи од Ковид-19, при што само во Рио де Жанеиро има 191 случаи за зараза и три смртни случаи досега.