Грета Тунберг: Сигурна сум дека имам коронавирус

0
64

Шведската активистка за борба против климатските промени, Грета Тунберг, вели дека е многу веројатно оти таа се заразила со Ковид-19 на неодамнешното патување во Европа, но дека речиси оздравела.

17-годишната активистка вели дека и таа и татко ѝ, кој бил со неа на патувањето, имале симптоми на коронавирус.

„Се чувствував уморно, имав болка во грлото и кашлав. Татко ми ги доживеа истите симптоми, но многу поинтензивни и со треска“, напиша таа на „Инстаграм“.

Тунберг вели дека се самоизолирала во изнајмен стан далеку од мајка ѝ и сестра ѝ по посетата на Германија, која во тоа време била една од најтешко погодените земји во Европа.

И покрај симптомите, кои ги развила пред 10-ина дена, Тунберг не била тестирана бидејќи во Шведска тестовите се резервирани за случаи на кои им треба итен медицински третман.

„Но, исклучително е веројатно дека имам коронавирус, со оглед на симптомите и околностите“, напиша таа.

Тунберг рече дека ако не бил болен и татко ѝ, таа ќе претпоставувала дека само се чувствува необично уморно со малку кашлица.

„Последната настинка ми беше многу полоша од ова!“, напиша таа. „Да не беше истовремено некој друг болен, можеби немаше да се посомневам“.

Тунберг напиша дека сега таа е во основа оздравена и ги предупреди сите да внимаваат ако развијат симптоми.

„Многумина (особено младите) може да не забележат никакви симптоми или многу благи симптоми“, рече таа. „Тогаш тие не знаат дека имаат вирус и може да им го пренесат на лица во ризични групи“.

Шведска пријави повеќе од 2.000 случаи на коронавирус.