Исланд откри 40 мутации на коронавирусот

0
72

По тестирањето изведено кај 9.768 Исланѓани за новиот коронавирус Ковид-19, исландските здравствени власти во соработка со приватната генетска компанија „Декодгенетикс“ откриле 40 мутации на вирусот само на островот, пренесува „Спутник“.

Според професорот и виролог на Универзитетот во Копенхаген, Алан Рандруп Томсен, ова имплицира дека вирусот на крајот ќе стане позаразен, но помалку сериозен.

„Слично е со моделот што го гледаме кај грипот и можеме да живееме со тоа. Не велам дека сите варијанти ќе преживеат, но постои тенденција вирусот да се развива на тој начин. Ова значи дека вирусите можат да инфицираат повеќе затоа што подобро се приспособуваат, но варијантите на вирусот што предизвикуваат болести не преживуваат. Овие се варијанти кои предизвикуваат помалку болести“, објасни Томсен за данскиот весник „Информатион“.

Томсен прецизираше дека 40-те варијанти се групираат во три групи што можат да се следат до специфични извори на инфекција, кои тој ги нарече „школски примери“.

Главниот исландски епидемиолог Торолфур Гуднасон изјави дека очекува резултатите од истражувањето да се покажат како исклучително корисни во целиот свет, како придонес во напорите на светот против пандемијата.

Марија Мјол Јонсдотир од исландското Министерство за надворешни работи исто така истакна дека резултатите се наменети да се користат на меѓународно ниво.

Исланд има вкупно 588 потврдени случаи на Ковид -19 од кои 14 се хоспитализирани. Во моментот 6.816 се во карантин, 36 се целосно закрепнати од вирусот, а едно лице починало.