Судии, па баш ли сега дошол нож до коска?!

0
33

Колумна од Бранко Геровски

Навистина не разбирам, што толку ќе се добие, односно што толку ќе се изгуби, ако рочиштата бидат одложени во следните два месеца, на пример?

Барањата на одбраната за одложување на рочиштето за случајот „Рекет“, Кривичниот суд ги разбрал „единствено како начин за одолговлекување на постапката, имајќи предвид дека се работи за притворски предмет и дека се исполнети сите услови – судницата редовно се дезинфицира, има доволно простор и одалеченост меѓу странките и задолжително се носат медицински маски и стерилни ракавици“.

Кривичниот суд очигледно го пренебрегнува фактот дека препораките на СЗО и на Владата (на кои се повикува) не се однесуваат само на оваа институција, туку и на странките, како и на сите други граѓани на земјата. Во моментов, сите во Македонија апелираме тие мерки доследно да се почитуваат, па нема причина од тоа да бидат изземени и обвинетите и нивните бранители во овој случај, но и во сите други случаи.

Адвокатката Ирена Фрчковска, на пример, има човечко и законско право, како еден родител на дете помало од 10 години, да биде ослободена од работни обврски заради чување деца. Адвокатот Дељо Кадиев има здравствени проблеми за кои веројатно не е виновен. Не може да се пренебрегне и фактот дека и Катица Јанева има хронични болести поради кои е во критичната група.

Во петокот имав можност да го видам распоредот целосниот распоред на закажани рочишта на Кривичниот суд. Тука се и предметите на поранешното Специјално јавно обвинителство. Кога Катица Јанева сега би била обвинителка а не обвинета, верувам дека и таа би инсистирала на аргументот дека во еден дел станува збор за притворски предмети и затоа рочиштата се итни и неодложни. Но, не би била во право, како што не е во право ни Кривичниот суд. Јас сум убеден дека многу од повиканите на овие рочишта (обвинети и нивни бранители) ќе изложат сериозни аргументи поради кои се принудени да останат дома наместо да дојдат во дезинфицираните судници на Кривичниот суд, со хируршки маски и стерилни ракавици, за кои е докажано дека не се целосна заштита од вирусот.Можеби ќе ве интересира

Многу итни и неодложни работи во оваа земја сепак се одложија поради глобалната пандемија. Зарем наставата во училиштата и на факултетите беше нешто што можеше туку-така да се одложи? Не, но нуждата го менува законот. Зарем одложувањето на многубројни медицински интервенции во ординациите и во болниците поради заразата е поприфатливо од одложувањето судски рочишта?

Зачуден сум и од индолентноста на Кривичниот суд кон здравјето на самите судии и на другите вработени во таа институција. Од сигурни извори знам дека и некои од судиите се загрижени поради притисокот да се одржуваат рочиштата, но молчат од страв да не бидат јавно жигосани како „кочничари на правдата“. И тоа не е фер, па тие луѓе сепак не се платени џелати, туку судии кои имаат семејства, деца, здравствени и слични проблеми.

Навистина не разбирам, што толку ќе се добие, односно што толку ќе се изгуби, ако рочиштата бидат одложени во следните два месеца, на пример? Во овој момент јас гледам разумно оправдување правосудните органи да работат навистина само на итните случаи (кога мора да се одлучува за притвор, на пример), или во случаите поврзани со прекршувањата на законот поврзани со ширењето на заразата.

Сѐ друго навистина може и треба да почека.