ОЈО сè уште не ги добило сите податоци за ексдиректорката на Клиниката за дерматологија

0
87

Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека сè уште не ги добило сите релевантни документи во врска со поранешната директорка на Клиниката за дерматологија, а кои треба да ги достават Министерството за здравство и СВР Скопје.

Како што се наведува, од нив се бара да ги приложат сите релевантни писма, во смисла на тоа кој ден поранешната директорка го држела предавањето, список на лицата учесници на тој семинар, дали и кои од тие лица биле заразени со коронавирусот и да се приложи писмена медицинска документација за инфицираноста, како на поранешната директорка, така и на учесниците на семинарот на кои таа им предавала.

По доставувањето на релевантната писмена документација, доколку има потреба обвинителството ќе преземе и други истражни дејствија, по што ќе донесе јавнообвинителска одлука.

„Основното јавно обвинителство Скопје продолжува активно да постапува во предметот со поранешната директорка на ЈЗУ Универзитетската клиника за дерматологија – Скопје. Заради правилно информирање на јавноста, Основното јавно обвинителство Скопје известува дека на 19 март од страна на СВР Скопје беше поднесено писмено известување кое се однесува на поранешната директорка на ЈЗУ Универзитетската клиника за дерматологија – Скопје, а во поглед на предавањето кое таа го одржала пред поголема група доктори. Кон тоа известување не беше приложена целата потребна документација, туку само писмена која се однесува на тоа кога лекарката се вратила во земјава од Италија и кога ѝ била констатирана здравствената состојба на Клиниката за инфективни болести.

Заради комплетирање на потребната документација, веднаш следниот ден, на 20 март, надлежниот јавен обвинител достави наредба до СВР Скопје, како подносител на известувањето, како и барање за доставување податоци до Министерството за здравство.
Од нив се бара да се приложат сите релевантни писма. По поднесената наредба и барање сè уште не е постапено“, се вели во соопштението.