Мицкоски: Подавам рака на владата – со само три чекори може да дојдеме до 1 милијарда без да се кратат платите

0
200

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека е сериозно загрижен дека земјата е пред прагот на најголемата економска криза од нејзиното осамостојување до денес, и предложи три чекори со кои Владата може да дојде до 1 милијарда 200 милиони евра без кратење на платите.

Според Мицкоски, Владата нема стратегија, ниту одржлив план и ова не е ова време кога политичките партии треба да се докажуваат, па затоа и нуди помош на Владада да се соочи со предизвиците од кризата.

„Како лидер на ВМРО-ДПМНЕ за мене е јасно дека на владата и треба помош, исто како и на државата. И јас подавам рака за да помогнам. И сум силно убеден дека она што го предлагаме и овие предлози кои ги нудиме е излезот од оваа криза. Затоа подготвен сум ако треба да дојдам во Влада и да ги образложам, да ги одбранам решенијата, да споредиме и да се извлечеме од оваа криза, а да го аплицираме она што е најдобро за Македонија и за нејзини граѓани“, рече Мицкоски.

Kaко што кажа Мицкоски, Владата може да дојде до 1 милијарда 200 милиони евра во три чекори.

„Покрај веќе она задолжување кое што како процедура е отпочнато, а владата бара 400 милиони евра како заемобанките и заемодавателите и останати околу 200 милиони од ММФ и Светската банка која што доколку успешно се реализираат средствата би биле достапни за бизнисот и за граѓаните некаде во првата половина на месец мај.

Вториот чекор кој што всушност треба да биде и прв чекор е веднаш благајничките записи кои што стерелизираат од прилика 25 милијарди и 200 милиони денари средства ликвидност на банките во Народната банка веднаш да бидат откажани за месеците кои што следат и наместо тие благајнички записи да бидат запишани државни хартии од вредност кои што ќе ги издаде министерството за финансии и ќе имаат рок од еден месец и така секој месец тие ќе се обновуваат и продолжуваат.

Следниот чекор кој што го нудиме, а голем број европски држави, пред се тука мислам на Балтичките држави кои што во времето на финансиската криза во 2008 и 2009 година, потоа државите од Централна Европа, како што е Полска, Унгарија го направија во услови на криза а тоа е средствата кои што беа уплаќани во вториот задолжителен приватен пензиски фонд со уредба на владата да бидат пренаменети и наместо во вториот задолжителен приватен пензиски фонд да бидат од први април да бидат уплаќани во државниот задолжителен пензиски фонд. На тој начин ќе се обезбедат дополнителни 10 милијарди денари кои што ќе гарантираат стабилна, сигурна и навремена исплата на пензиите на пензионерите. Еве начин како да обезбедиме дополнителни 35, 36 милијарди денари заедно со оние 600 милиони евра кои што веќе тргнавме во потрага во обезбедување во Светот, ќе значи сигурно, надежно и безбедно пребродување на оваа пред се здравствена, а потоа и економска криза“, предложи Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, порача дека Владата овој план треба да го реализира веднаш и без одлагање, бидејќи се што во минатото ВМРО-ДПМНЕ и тој како претседател предложиле најпрвин било одбиено, а 15-20 дена подоцна било аплицирано, но задоцнето и ефектите од таквата апликација изостанале.