Нов смртен случај од коронавирус во земјава, на вирусот позитивна и починатата пациентка од Струга

0
142

Министерството за здравство информира дека ноќеска на Клиниката за инфективни болести во Скопје починала една пациентка од Лабуништа на возраст од 65 години.

Пациентката покрај коронавирус имала и претходни заболувања: хронично опструктивна белодробна болест, дијабетес, срцева слабост и обезност.

Во однос на пациентката која во неделата наутро почина во болница во Струга, а на која постхумно и е земен брис, истиот е позитивен на Ковид-19. Со овие две новопотврдени жртви бројката на починати од Ковид-19 во земјава се искачи на 11.

Во изминатите 24 часа регистрирани се 25 нови случаи на коронавирус. По градови: Скопје – 7, Куманово – 7, Прилеп – 2, Тетово – 5, Струга – 2, Гевгелија – 1, Кочани – 1.

Со ова вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со коронавирус до денеска изнесува 354 лица.

Според местото на живеење, досега случаи се регистрирани во следниве градови: Скопје (183), Куманово (54), Дебар (47), Штип (15), Прилеп (12), Тетово (13), Струга (9), Велес (6), Битола (4), Охрид (3), Кавадарци (2), Гостивар (1), Гевгелија (2), Струмица (1), Крива Паланка (1) и Кочани (1).

Досега во земјава направени се вкупно 3.775 тестирања на Ковид-19.