АХВ издаде пет решенија на месарници и маркети поради лоша хигиенска состојба

0
77

Државниот санитарен и здравствен инспекторат за пет дена издал над 1.000 дозволи за влез на возачи на товарни возила во државата, а сите тие ги почитувале препораките за заштита од ширење на коронавирусот.

Магдалена Филиповска-Грашкоска, претседателка на инспекцискиот совет, посочи дека Агенцијата за лекови не констатирала отстапувања во аптеките. Според неа, Агенцијата за храна и ветеринарство увидело лоша хигиенска состојба во месарници и маркети, а Државниот инспекторат за труд нема казнето ниту еден работодавец, туку има издадено укажувања.

„Државниот санитарен и здравствен инспекторат во овој период изврши 74 надзори. Во овие 5 дена издал и 1.019 дозволи за влез на професионални возачи на товарни возила во државата. Уште еднаш напомнувам дека станува збор за дозволи кои се потребни за непречено снабдување на државата со неопходните стоки. Од страна на здравствените и санитарните инспектори констатирано е дека возачите се придржуваат до пропишаните препораки за заштита од коронавирусот“, рече Филиповска-Грашкоска.

Од 277 надзори во повеќе градови, и тоа во маркети, угостителски објекти, месарници, зелени пазари и производствени објекти, најчести казни од Агенцијата за храна и ветеринарство имало поради неспроведени обуки за безбедност со храна, немање здравствен преглед на вработените во санитарната книшка и лоша хигиена во објектите.

„Агенцијата за храна и ветеринарство спроведе вкупно 277 надзори во повеќе градови во државата, и тоа во маркети, угостителски објекти, месарници, производствени објекти и зелени пазари. Изречени се 22 мерки, најчесто поради неспроведени обуки за безбедност со храна, потоа поради работа на вработени без здравствен преглед за санитарна книшка. Во тој случај вработените веднаш се отстранети од објектите. Издадени се и пет решенија на месарници и маркети поради констатирана општа лоша хигиенска состојба и наредено е веднаш да се спроведат мерки за дезинфекција, дератизација и дезинсекција“.

Државниот инспекторат за транспорт направил вкупно 155 надзори. Притоа констатирал дека меѓуопштинскиот сообраќај во голем обем е редуциран, а меѓународниот превоз на патници е во целосен прекин. Агенцијата за лекови извршила 32 надзора и притоа констатирано е дека нема специфични отстапувања, секторот ги почитува препораките, се одржува ред во аптеките, се дозволува влез на ограничен број потрошувачи, а цените се во согласност со одлуките на Владата.

„Државниот инспекторат за труд реализира 414 контроли, при што се донесени 1 решение и 22 укажувања за работодвци кои не постапиле во согласност со препораките на Владата. Повеќето од овие надзори биле поврзани по постапување по претставки за платено отсуство на родител на дете од 10 години, бремени жени, хронично боли вработени лица. Трудовиот инспекторат констатирал дека повеќето до работодавците ги почитуваат препораките за заштита на своите вработени од коронавирусот“, посочи Филиповска-Грашкоска.