Двајца доктори од Скопје и Штип ќе ја организираат работата на Инфективното одделение во Куманово

0
107
Foto

Двајца доктори од Штип и Скопје ќе работат на Инфективното одделение во Куманово, откако 11 доктори заболеа од коронавирусот, посочи на денешната прес-конференција министерот за здравство, Венко Филипче.

Како што рече тој, заболувањето на 11 доктори од Инфективното одделение Куманово ја компромитира работата на тамошната болница.

Филипче кажа дека се прават епидемиолошки анкети, за да се утврдат контактите со други лица и да се спречи локалната трансмисија на вирусот.

„Во кумановската болница имаме 11 позитивни случаи со коронавирус. Оваа бројка ја компромитира работата на Инфективното одделение бидејќи и претходно имаше еден од останатите здравствени работници. Двајца доктори се упатени таму. Тие се од болниците од Скопје и Штип кои ќе ја организираат работата на Инфективното одделение во Куманово. Сè уште траат епидемиолошките анкети бидејќи има повеќе позитивни здравствени работници од рендген-дијагностика и во делот на општите лекари од дежурната служба. Врз основа на тие анкети, а и тоа колку лица ќе бидат во изолација, ќе се организира и останатиот дел од болницата“, рече Филипче.

Според него, мерката за продолжување на полицискиот час во Куманово ќе даде резултати за вирусот да не се шири.

„Тој ќе трае од денеска во 21 часот до понеделник во 5 часот. Од понеделник ќе трае од 16 часот до 5 часот следниот час. Ова е дискутирано на вториот состанок, а треба да оневозможи ширење на вирусот. Можам да кажам дека иницијалниот откриен прв случај на здравствен работник беше за нецели 48 часа по контактот со починатата пациентка. Тоа носи заклучок дека вирусот циркулирал претходно. Уште тогаш, дополнително на тие мерки кои важеа во државата, се сопре градскиот и меѓуградскиот сообраќај во Куамново. Голем е ризикот за внатрешен пренос помеѓу луѓето кои живеат во самата општина. Тоа доведе до оваа мерка, за целосна рестрикција за да се прекине локалната трансмисија“, посочи Филипче.

Тој тврди дека е многу тешко да се каже дали сите инфицирани здравствени работници се разболеле од првата пациентка.