Со стегнат задник, дете не се раѓа!

0
203

Колумна на Наташа Котлар-Трајкова:

Ова е апокалиптично време на преживување, дури и самото пишување е предизвик! Епидемија – и тоа светска, вонредна состојба и полициски час во земјата, економска криза, луѓе неработни и без материјална обезбеденост, сите по дома, не по своја волја, добротворни летови кои нашите луѓе-патници сепак си ги плаќаат, донации од фирми за хотелско сместување на болните или неутвредните…!

Вирус ли е ова или панаѓур! Политички и безбедносен систем кој и не е систем, воопшто. И како може, систем кој на „балкански начин“ се откажа од името македонско, народното и државното и кој претпочита да е „северен“ да биде организиран, загрижен, чесен, да сочувствува со потребите и со постапките кон државата и народот во најширока смисла!?

Позициската групировка со онаа парламентарно опозициската, секојдневно се пречкаат бесполезно за она „кој прв почна…“, чинејќи безидејна власт.  А, како ли ќе бидат, кога праотецот им е еден ист! Не е ова грешка!

Пред 30-на години, започна „славната“ приватизација на македонските претпријатија со општествен капитал (1993) и која по 10 години (2003) на македонската држава ѝ инкасираше едвај 20% од вредноста на претпријатијата. Познато е дека овој процес на приватизација е еден од најнеуспешните во овој дел на Европа, но затоа на одредени луѓе тоа им обезбеди многу да заграбат. Често и се вели, со мали пари некои луѓе направија голема приватизација или чистите приватизации се поретки и од македонскиот рис!

Да споменам неколку значајни претпријатија: „Македонија Спорт“, „Железарница“, „Технометал-Вардар“, „Макошпед“, „Цементарница“, „Макпетрол“, „Скопска Пивара“, „Силекс“, „Бучим“, „Интекс“, „Годел“, „Типо“ и многу други. Секако ова заграбување на оштествените добра е извршено на „законски начин“ во македонското собрание. Но, она што е фалинка во овој процес е тоа што е направен на прилично нечесен и нефер начин. Наследниците на псевдокомунистичките велегазди, со „тешко“ спечалените претпријатијата (веќе и со различни имиња) во моментов се вистинските властодржсци и едвај го сочинуваат оној 1% од вкупниот број на активните претпријатија во кои се концентрирани големите пари и големите акции. Овие скороевци се јавуваат како големи поддржувачи, во најширока смисла на двете политичко-партиски групировки и на нивните власти. Затоа и не можат власта и опозицијата да понудат мерки со конкретна содржина во ова апокалиптично време за народот и за државата, односно економијата! Бидејќи ако донесат мерки за директна помош на граѓаните и на економијата, тогаш ќе треба директно да се насочат и да се справат со фамозниот 1% на велможи, односно да направат вистински финансиски и политички реформи! Тоа би значело и вистнски пресврт и пробив на нови политички чинители и идеи, нов општествен, политички и економски систем!

Тие ова не можат да го направат, бидејќи се инхибирани, стегнати, а со стегнат задник, дете не се раѓа, вели една стара македонска поговорка!