(Видео) Мицкоски: Не е време за политика туку за спасување на економијата

0
160

Оваа вонредна состојба и оваа епидемија не е политика, не е политички натпревар, не е анкети, не е избори и не е партиски интерес. Оваа епидемија е загрозување на здравјето и животите на граѓаните, нивната сигурност и нивната економска и социјална егзистенција, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Во делот на економијата, каде што со право се чувствуваме поискусни, со експертиза од претходни успешни економски политики и третирање на економски кризи, но и со човечкиот капацитет кој го имаме во нашата партија, сакам да и порачам на Владата: доста со политика и инает. Престанете со политика и не правете политика од се и сешто. Ве молам послушајте што ние, професорите, синдикатите и коморите ви говориме. Веќе кажавме дека досегашните мерки на Владата се задоцнети, нецелосни, нефер спрема сите компании и граѓани, во одредена мера збунувачки и нема да го дадат посакуваниот, а и возможен ефект“, рече Мицкоски.

Тој кажа дека пред некој ден партијата најавила дека поднесе уредба со законска сила со која ќе се овозможи компаниите да добијат помош од државата во висина од 50 проценти на бруто трошоците за плата по вработен, односно највеќе до 27 илјади по вработен или последно исплатената просечна нето месечна плата за декември месец 2019-та година.

„И оваа помош не да важи само за месеците април и мај и да биде исплатена во месеците мај и јуни, туку да важи за месеците март, април и мај. И ваквите предлози се она што ние можеме да го направиме во овој момент од позиција на опозиција во државата. Да се понудиме искрено да ја подадеме нашата рака. Но воедно чувствувам и должност да соопштам дека иако уредбата беше прописно доставена преку нашиот министер, технички министер за внатрешни работи г. Наќе Чулев. Техничкиот премиер Оливер Спасовски не ни дозволил да биде ставена на дневен ред на влада за да биде разгледана и да се отвори дискусија за истата“, рече Мицкоски.

Тој предложи: средствата кои што работодавачите за вработените ги уплаќаат во вториот задолжителен пензиски фонд, започнувајќи од први април да ги уплаќаат во првиот задолжителен државен пензиски фонд, благајничките записи кои што се стерилизирани во Народната банка, под итно дел од нив ако не и сите да бидат пренесени и државата да ги запише во хартии во вредност или државни записи, потоа интензивирање на капиталните инвестиции и веднаш да се отвори дискусија и дебата со претходните заемодаватели и комерцијални банки кои што веќе имаат некаков аранжман со нашата држава и министерството за финансии, да направат репрограма наместо тоа што треба оваа година да го вратиме, да го вратиме следната година или годината потоа.