Филипче: Се влошува состојбата на родилката од Куманово

0
149
Foto

Се влошува состојбата на родилката од Куманово, која е заболена од коронавирусот, а чие бебе е негативно на Ковид-19, информира министерот за здравство, Венко Филипче.

Тој рече дека на Инфективната клиника во последните 24 часа примени се четворица пациенти, со што на Клиниката сега има 67 пациенти. Од нив, шестмина се на механичка вентилација, а 12 се во потешка состојба.

„Има влошување на состојбата кај родилката од Куманово, таа е сè уште респираторно самостојна, но има значајно полоша клиничка слика и радиографски наод на белите дробови“, рече тој.

Во Градската болница „8 Септември“ хоспитализирани се 19 пациенти, од кои тројца се на респираторни машини, а девет се со потешка клиничка слика.

Во болницата во Битола, која сега функционира како регионален центар, префрлени се сите пациенти од Охрид бидејќи, како што рече Филипче, таму има добра инфраструктура и зградата на инфективното одделение е физички одделена од другите.

Во Штип се сместени четворица пациенти, од кои еден е со средно тешка и тројца со лесно клиничка слика.

Во последните 24 часа детектирани се 29 нови случаи и во овој период има пет смртни случаи во земјата како последица на коронавирусот. Во овој период биле направени 386 теста.

Досега во земјава извршени се вкупно 5.879 тестирања. Вкупната бројка на заболени изнесува 599, од кои 30 се излекувани, а има 26 смртни случаи.