Ројс: Ќе ја завршиме сезоната и ќе го престигнеме Баерн

0
88

Капитенот на Борусија Дортмунд, Марко Ројс, верува дека Бундеслигата ќе продолжи, ако треба, и без публика. Тој е уверен дека трката со Баерн за шампионската титула не е изгубена.

На 9 кола до крајот Баерн има 4 бода повеќе од „милионерите“.

„Сè уште сакаме да го подигнеме тој трофеј и верувам дека можеме да станеме шампиони. Сè е можно. Се надевам дека ќе ја завршиме сезоната и до крајот ќе уживаме во неизвесна борба“, изјави Ројс за „Спорт билд“.

Доминацијата на баварскиот клуб во однос на Борусија трае веќе 7 години. За Ројс, принудната пауза добро му дојде затоа што пред прекинот на сезоната тој ја санира повредата која го одалечи од теренот.

„Притисокот за брзо закрепнување обично е многу голем. Сега имав доволно време за рехабилитација, потполно да го одморам телото и да го доведам во врвна форма пред првенството да продолжи“, рече 30-годишниот германски репрезентативец.

Германските клубови веќе почнаа со дел од тренинзите во помали групи почитувајќи ги препораките во време на пандемија. Според информациите што деновиве се шират од највисоките структури на Бундеслигата, во мај би можело да се продолжи со фудбал, но пред празни трибини.

„Дури и пред празни трибини, верувам дека фудбалот ја има таа сила, но и потенцијал да ги оттргне мислите и да донесе возбуда во текот на вонредната состојба и овие депресивни времиња“, заврши Ројс.