Филипче: Можно е коронавирус во земјата да имало и пред првиот потврден случај

0
178

Во примерок од дишното стебло на починатата велешанка најден е вирусот, извести денеска министерот за здравство, Венко Филипче.

Мајка и син, кои, најверојатно, починале во јануари, а биле пријавени кога од станот почнала да се шири смрдеа, посмртно биле тестирани на коронавирус.

Поради потврдениот коронавирус кај мајката, министерот Филипче не ја ислучи можноста вирусот да бил присутен во земјата и пред да се појави првиот дијагностициран случај на 26 февруари.

„Кај едно од лицата од Велес најден е вирусот во примерок од дишното стебло. Тешко е да се каже причината за смртта, но во насока на тоа што значајно е зголемена бројката на заболени од грип годинава, не е исклучена можноста вирусот и порано да бил присутен, особено поради асимптоматските носители на вирусот“, рече министерот Филипче.

Тој најави дека дополнително ќе се анализираат примероците од заболените од грип годинава, кои се зачувани во Институтот за јавно здравје. По нивната анализа, министерот Филипче очекува да добиеме поцелосна слика за коронавирусот во Македонија. Дополнителните анализи на примероците од заболените од грип ќе се прават кога ќе се намали бројот на новодијагностицирани пациенти со Ковид-19.

„Нашиот фокус сега е дијагностицирање и откривање нови пациенти. Анализа за коронавирус на материјалите од заболените од грип ќе има, но засега, поради големиот број нови пациенти, нашиот фокус е на пациентите со симптоми на болеста“, нагласи министерот.

Анализите на бројките на пациенти заболени од сезонски грип, за разлика од вообичаениот број до минатата година, и историски гледано повеќе години наназад, покажуваат речиси 80 или 90 проценти повеќе заболени. Од претходно 20 илјади, оваа година се евидентирани 37 илјади.

Материјалите на овие пациенти што се лекувале од сезонски грип, а на кои им биле земени брисеви за анализа на присуство на други вируси, предизвикувачи на сезонскиот грип, сè уште се во Институтот за јавно здравје и тие би можеле дополнително да се тестираат за да се види дали некој од тие пациенти бил заболен од коронавирусот.

Според последниот пресек, во Македонија има 711 заболени од Ковид-19, од кои 41 се излекувани, а 32 починати.