(Видео) Мицкоски и Заев во самоизолација, имале контакт со новинар позитивен на ковид-19

0
79

Лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, се во самоизолација затоа што имале контакт, односно телевизиско интервју со новинар заболен од коронавирус, соопшти министерот за здравство, Венко Филипче.

Мицкоски бил тестиран и неговиот тест е негативан, а резултатите за Заев се очекуваат во текот на денот.

„Резултатот на Христијан Мицкоски кој беше изработен синоќа, е негативен, но тој ќе биде во задолжителна самоизолација до истекот на 14 дена од последниот контакт со заболен, во овој момент нема потреба од посебна епидемиолошка анкета. Резултатот на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, со оглед на тоа што, тој синоќа беше веќе заминат за Струмица, ќе биде готов во текот на денешниот ден, но и тој веднаш по добивањето на информациите е ставен во самоизолација“, рече Филипче.

Новинарот е во стабилна здравствена состојба и е на лекување во болницата „8 Септември“.

„Во текот на утрово и денот ќе се направат анкети и со точниот наод и бројка
на лица кои ќе одат во изолација, доколку за тоа има потреба“, кажа министерот.

Повеќе информации и за резултатите од тестот на Заев, Филипче најави дека ќе има на следната прес-конференција во текот на денов.

Интервјуата со лидерите се емитувани пред една недела. Прво, се емитуваше интервјуто со Заев на 2 април, а ден потоа, на 3 април, се емитуваше и интервјуто со Мицкоски.